X
 14.06.2021 Образование

Интервју со ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски: УКЛО е подготвен за упис на нови 2.748 студенти

Објавен е Конкурсот за запишување студенти во прва година на прв циклус студии на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола во академската 2021/2022 година.

Кои се неговите предности?

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ –Битола, по објавувањето на Конкурсот за запишување студенти во прва година на прв циклус студии, отпочна сет подготовки за негова успешна реализација. Формирана е Универзитетска конкурсна комисија, на единиците се формирани  соодветни комисии, течат и другите логистички активности за да може на 11. единици во составот на Универзитетот подготвено да се запише новата генерација на студенти.

uklo

Со задоволство можам да истакнам дека овој процес се одвива непречено и дека нашата образовна понуда и овој пат е конзистентна и секако хетерогена, со самиот факт што во неколку градови во државата кандидатите што го избрале УКЛО ќе може да избираат помеѓу 48 студиски програми за додипломски студии, од кои 42 академски, 6 стручни студии, како и две академски студиски програми на англиски јазик.

Низ бројки, новиот конкурс предвидува вкупно 2.748 слободни места, од кои 1.475 во државна квота, 795 во квотата со кофинансирање и 478 за вонредни студенти.
Тоа се оптимални квоти што нудат можност за широк избор и како такви овозможуваат сигурен и реален упис на кандидатите. Она што е особено значајно е што Конкурсот им овозможува на заинтересираните во најголем дел да се запишат како редовни студенти во државна квота, што ќе им го олесни студирањето, нема да го оптовари семејниот буџет, а од друга страна, бенефитот е што се обезбедува квалитет на студиите, како перманентна заложба на УКЛО.

1
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски

Ја користам пригодава да ги охрабрам сите потенцијални и заинтересирани кандидати што сакаат да бидат дел од академското семејство на УКЛО дека може да ги користат можностите за упис во три уписни рокови, почнувајќи од крајот на август до крајот на септември.
 
Дали УКЛО продолжува со поддршка за најдобрите студенти?

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола со посебно внимание поддржува политики за мотивирање на најдобрите студенти. И во новата академска година го стимулираме студирањето на УКЛО. Имено, на секоја единица на Универзитетот, од сите студиски програми заедно, на 5 најдобро рангирани кандидати, со највисок број на поени во квотата на примените редовни студенти, по објавувањето на конечните ранг-листи по завршувањето на сите уписни рокови, од страна на Универзитетот ќе им бидат рефундирани средствата од плаќање партиципација за првиот семестар од првата година на студии. Нашиот Универзитет смета дека на овој начин, со конкретна финансиска поддршка, се стимулира студирање на УКЛО за младата популација и тоа во услови кога општеството има потреба од солидни знаења и создавање стручњаци што ќе можат да се вклучат во работните процеси и на тој начин да придонесат за развојот и просперитетот на државата.

Дополнително, во новата академска година планираме да реализираме и други активности во функција на поддршка на студентите со акцент на подобрување на нивните вештини, со што ќе ја олесниме и квалитативно ќе ја подигнеме идната интеграција на дипломираните во работните процеси.

Што е во фокусот на УКЛО?

Во средиштето на УКЛО првенствено се студентите и, секако, она што е најдиректно поврзано со нив, а тоа е наставно-образовниот процес, за кој се трудиме во континуитет да го унапредуваме. Тоа претставува еден динамичен, незапирлив процес што ги следи современите тенденции во образованието, но е и дел од општествените текови, усогласен со потребите на економијата, на локален, регионален и меѓународен план. Од тие причини, УКЛО настојува да биде во постојан „дослух“ со надворешното опкружување, односно да ја продлабочува соработката со стопанските и нестопанските субјекти преку поттикнување иницијативи за создавање профили на кадри сообразени со потребите на деловните субјекти: стопанство, претпријатијата и индустријата. Притоа се трудиме студентите да бидат активни учесници во тој процес, да го поттикнеме  вработувањето на дипломираните студенти и да учествуваме во подобрување на економијата и развојот на државата. Во таа насока, во периодот што следува, ќе бидеме носители и организатори на настани, конференции и други форуми кои ја потврдуваат оваа заложба. 

2
 
Која е Вашата порака до потенцијалните студенти на УКЛО?

Она што можам со сигурност да го кажам е дека новите студенти на УКЛО, заедно со петте илјади студенти што се веќе во систем, може да бидат горди за тоа што одлучиле да бидат дел од нашиот Универзитет. Вратите на нашите факултети им се широко отворени, ги очекуваме подготвено и со радост, целосно посветени да им понудиме успешна едукација, да го подобриме  нивниот студентски живот и да им дадеме поддршка на нивните младешки потенцијали и амбиции.
Како и секогаш, ќе направиме сѐ што е во наша моќ за времето што ќе го поминат на Универзитетот, стекнувајќи нови знаења, искуства, вештини, развивајќи се професионално, да им остане во сеќавање како еден убав период од нивното живеење и растеж како возрасни личности, како идни академски граѓани.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование