На 11.5.2023 на Правниот факултет Кичево – ДС Битола беше промовирана Монографијата „Функционална анализа на Народниот правобранител во Република Северна Македонија“, која е резултат на обемно научно истражување кое се реализира од страна на тим професори од Правниот факултет- Кичево, и тоа: проф. д-р Мирјана Ристовска, проф. д-р Светлана Вељановска, проф. д-р Никола Тунтевски, доц. д-р Иле Масалковски и проф. д-р Елизабета Спироска од Меѓународниот славјански универзитет од Свети Николе.
Рецензентите на трудот, проф. д-р Ристо Речкоски и проф. д-р Саша Дукоски, меѓу другото, истакнаа дека истражувањето врз кое се темели Монографијата е правено во подолг временски период, а резултатите што се објавени ќе бидат од голема корист за стручната јавност. Според нив, истражувањето покажува дека е потребна поголема институционална соработка и корекции во законските решенија кои ја регулираат оваа проблематика, бидејќи, кога станува збор за почитувањето и практикувањето на човековите права никогаш не е премногу да се зборува и истражува, односно секогаш може да се направи повеќе од она што е направено.
Содржината на Монографијата ја презентираа авторите.
Проф. Вељановска ги презентира научните цели на истражувањето и неговата општествена важност. Во тој дел се сублимирани карактеристиките на институцијата Народен правобранител, неговиот институционален развиток и законските решенија кои постојат.
Проф. Тунтевски ги презентира податоците добиени од анкетните прашалници направени меѓу испитаниците од општата јавност. Она што е специфично за нив е дека најголем дел од нив се запознаени за постоењето на Народниот правобранител, но дека најчесто за неговото работење дознаваат од медиумите и потребна е поголема проактивност од самата институција за подобро да биде претставена во јавноста.
Проф. Ристовска се осврна на делот со податоците добиени од испитаниците во делот на стручната јавност. Овде е индикативно дека испитаниците имаат забелешки за начинот на избор на Народниот правобранител како недоволно објективен. Во поглед на комуникацијата со Народниот правобранител и ефектите од тоа, испитаниците се изјасниле дека делумно се задоволни поради тоа што се смета дека се потребни повеќе законски надлежности од процесно-правен аспект и дополнителни човечки и финансиски ресурси за оваа институција.
Заклучоците што произлегоа од ова истражување се во насока на поддршка и развој на оваа институција во вистинска насока, што ќе значи и трајно развивање на демократијата во нашата држава и зголемување на ефикасноста на работењето, пред сè, на државните органи, органите на државната управа, органите на единицата на локалната самоуправа и другите органи и организации што имаат јавни овластувања.
(Комерцијална објава)