X
 18.07.2021 Живот

Стана милијардер и стигна до вселената без средно образование: Кој е Ричард Бренсон?

Медиумите деновиве се полни со приказни за британскиот претприемач, милијардер и астронаут Ричард Бренсон, кој пред неколку дена го исполни својот детски сон и летна во вселената, со што ја отвори ерата на вселенскиот туризам.

Како син на шанкер и стјуардеса, Бренсон никогаш не завршил средно училиште, но успешно го развил својот бизнис - почнал со продажба на списанија и музички плочи и стигнал до изградба на вселенски бродови. Факт е дека во животот бил воден од генијални, авантуристички идеи.

Бренсон има 50-годишна кариера. Во моментов, под контрола на овој 70-годишен претприемач се 400 компании кои се занимаваат со разни активности, а неговото богатство се проценува на 5,9 милијарди долари.

Кој е Ричард Бренсон?

Роден е на 18 јули 1950 година во Сари, Англија. Имал дислексија, не се снаоѓал добро на училиште, па го напуштил средното образование на 16-годишна возраст, по што започнал бизнис во музичката индустрија.

Како ученик во средното училиште „Стоу“, на директорот му дал писмо со детално објаснување за тоа како треба да се води училиштето. Директорот Роберт Драјсон, инаку ветеран од Втората светска војна, му рекол дека или ќе заврши в затвор или ќе стане милионер. Денес Ричард Бренсон е милијардер.

Го почнал магазинот „Студент“, чиј прв број се дистрибуирал бесплатно во тираж од 50.000 примероци, а трошоците биле покриени со приходи од маркетинг во износ од 8.000 долари.

2
Вселенскиот брод „Јунити“ на „Вирџин галактик“
Фото: Wikipedia

Во 1969 година живеел во комуна во Лондон, опкружен со музичари од британската сцена, кога добил идеја да основа компанија за испорака на музика за финансирање на списанието. Компанијата работела скромно, но доволно добро да му овозможи да ја прошири својата деловна активност, па подоцна успеал да отвори продавница за плочи на познатата улица „Оксфорд“.

Со оглед на тоа што продавницата имала добар профит, Бренсон отворил музичко студио во 1972 година во Оксфордшир - „Вирџин рекродс“. Првиот пејач што снимил сингл бил Мајкл Олдфилд, во 1973 година. Песната „Tubular Bells“ веднаш станала хит и останала на британските топ-листи 247 недели.

Набрзо Бренсон почнал да потпишува договори со групи како „Секс пистолс“, „Калчр клаб“, „Ролинг стоунс“, па „Вирџин рекродс“ станала една од шесте водечки музички компании во светот.

Познат по авантуристичкиот дух, Бренсон го срушил светскиот рекорд во 1987 година како прва и единствена личност што го преминала Атлантикот со најголемиот балон со топол воздух. Во 1991 година повторно се нашол во балонот, кога прелетал 11.000 километри над Тихиот Океан, со брзина од 400 километри на час.

Како што напредувал бизнисот, така и Бренсон ја проширувал својата империја. Во 80-тите години тој ја купил туристичката компанија „Војаџер груп“ и станал сопственик на „Вирџин Атлантик“.  Но, во 90-тите години компанијата имала финансиски проблеми и била продадена во 1993 година за една милијарда долари. Ричард одлучил да остане во музичкиот свет и во 1993 година го основал „Вирџин радио“, а три години подоцна основал уште една музичка компанија - „В2“.

1
Фото: Wikipedia

Во 1999 година кралицата Елизабета му ја доделила титулата сер за неговиот придонес во претприемаштвото.

По втората музичка компанија, Бренсон продолжил да ја шири „Вирџин груп“. Денес, групацијата работи во 35 земји и има 70.000 вработени. Неговите компании се занимаваат со мобилна телефонија, железнички транспорт, вселенски туризам, а Бренсон поседува и хотели, радиостаници и музички компании.

Денес Ричард Бренсон живее на британските Девствени Острови, поточно на островот Некер, кој го купил во 1978 година за 180.000 долари.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот