X
 14.06.2024 Технологија

Дали наскоро камерите на телефоните ќе гледаат низ ѕидови?

Истражувачите ја приближија визијата на Супермен до реалноста со мал нов чип за снимање што може да гледа низ ѕидови. Чипот, развиен од тим од Универзитетот „Тексас“ во Далас и Националниот универзитет во Сеул, користи терахерц-зрачење за да открие предмети преку тенки материјали, како картон или гипс од растојание од околу 3 см.

Оваа технологија за „визија на рендген“ можеби звучи малку морничаво, но истражувачите вградиле некои заштитни мерки за приватност. Засега, опсегот на чипот е ограничен на околу 3 см, така што ќе треба да се приближите за да „шпионирате“ нечии работи. Идните верзии ќе гледаат до 15 см оддалеченост, но тоа сепак е во опсегот на должината на раката.

Д-р Кенет О од „УТ Далас“ објаснил дека ако крадецот се обиде да ја скенира содржината на нечија торба, тој треба да биде доволно блиску, па лицето веќе ќе биде свесно што прави.

- Чипот работи така што емитува и детектира терахерц-зрачење кое е невидливо за луѓето, но може да навлезе во тенки површини. Раните прототипи користеа пониски фреквенции, околу 100 гигахерци, но оваа најнова верзија од 2024 година работи на 296 гигахерци за подобра резолуција - вели д-р Кенет.

Она што е навистина импресивно е како тимот успеал да ја намали технологијата на нешто доволно мало за во мобилните уреди.

- Потребни беа 15 години истражување кое ги подобри перформансите на пикселите за 100 милиони пати, во комбинација со техники за обработка на дигитален сигнал, за да се овозможи оваа сликовна демонстрација - истакнал д-р Брајан Гинсбург.

Истражувачите гледаат широк спектар на употреба на оваа технологија. Може да се вгради во телефони и да се користи за откривање на шверцувана стока во пакети и за наоѓање цевки и жици зад ѕидовите за градежни проекти. Може да има дури и медицинска употреба.

Потрагата да се развие „визија со рендген“ која може да навлезе во цврсти предмети ги привлекува истражувачите со години. Минатата година тимот претставил техника за откривање и следење на движењата на луѓето зад ѕидовите, со помош на сигнали од безжичен рутер. Во 2018 година научниците од МИТ вовеле РФ-Поуз, систем кој користел невронски мрежи за интерпретација на радиобрановите што се рефлектираат од телата на луѓето, овозможувајќи му да гледа низ ѕидовите.

Извор: bajtobox.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија