Во биографијата за Адолф Хитлер, една од најмрачните личности во историјата на човештвото, британскиот историчар Брендан Симс отвора едно од најтешките прашања на модерната историја - како настанува зло од такви размери и зошто човештвото сè уште не може целосно да го објасни.
„Радикалното зло“, олицетворено во холокауст, и натаму се спротивставува на целосното разбирање. Колку повеќе време поминува, толку посилна станува потребата за негово објаснување. Како е можно една културна нација од околу 80 милиони луѓе да започне прогон на малцинство кое пред Втората светска војна броело околу 300.000 припадници, а потоа да премине на систематско истребување низ Европа?
Во непосредна близина на Вајмар, симбол на германската култура, се наоѓал логорот Бухенвалд. Таа близина и денес предизвикува морници. Нацистите ги убивале Евреите, без разлика на возраста. Се проценува дека во текот на војната биле убиени шест милиони луѓе.
- Ќе поминат и илјада години, а срамот на Рајхот нема да биде избришан - изјавил Ханс Франк, нацистички управник на Полска. Но осудата не е доволна - злото бара објаснување.
Хитлер бил клучна фигура во неговото создавање, но остануваат прашањата: дали уште од детството бил обликуван од антисемитизам, дали отсекогаш сакал уништување на Словените и кога точно ја формирал идејата за операцијата „Барбароса“, најголемата воена операција во историјата, во која загинале околу 24 милиони советски граѓани?
Посебно се истакнува неговата рана фасцинација со англосаксонскиот свет, кој истовремено му предизвикувал страв и восхит, како и постепениот развој на идеите за холокаустот и нападот врз Русија.
Војната и пресвртот
Војникот од прва класа, Адолф Хитлер, учествувал во Првата светска војна речиси од самиот почеток. Тој бил сведок како германскиот Рајх се спротивставува на силната коалиција на Антантата, Британија, Франција и Русија, како и на нивните сојузници. Во меѓувреме, Рајхот си создал уште поопасен противник, САД.
Германија се обидувала да ја скрши Франција и да ја оттурне Британија пред пристигнувањето на американските трупи. Во почетокот успевала, но ситуацијата се променила за време на Втората битка на Марна.
Американските војници, свежи и многубројни, се судриле со исцрпените баварски резервисти. Тоа имало силно влијание врз моралот на војниците, вклучително и врз самиот Хитлер.
На 17 јули 1918 година командантот Фриц Виденман забележал дека Хитлер довел двајца американски заробеници во штабот. Што точно мислел тогаш, не е познато, но подоцна тој настан го толкувал како доказ дека потомци на германски емигранти се вратиле како непријатели.
Во неговите подоцнежни говори често се навраќал на моментот кога американските војници се појавиле на фронтот, што станало основа за неговите идеи: опсесија со демографијата, концептот за „животен простор“ и односот кон англосаксонските сили.
Детството на Хитлер
Во биографијата од Симс пишува и детали за детството на Хитлер. Тој е роден во Австрија, на 20 април 1889 година.
Живеел во комплицирано семејство. По смртта на првата сопруга, неговиот татко Алоис се оженил со својата роднина Клара Пелцл, со која имал шест деца, а преживеале само Адолф и неговата помлада сестра Паула.
Се школувал во Линц, каде што на почетокот бил добар ученик, но подоцна го изгубил интересот за учење. Се истакнувал во цртање и спорт, а на 16 години го напуштил школувањето. Во тој период нема докази за политичка активност или познанство со Лудвиг Витгенштајн.
Подоцна престојувал во Виена, каде што развил интерес за уметноста, особено за делата на Вагнер. Бил фасциниран од архитектурата на Виенската опера, иако ентериерот го сметал за премногу раскошен.
Во 1907 година на неговата мајка ѝ бил дијагностициран рак. Ја лекувал лекарот Едуард Блоџ, Евреин, кон кого Хитлер задржал коректен однос и по нејзината смрт, дури му испратил новогодишна честитка што сам ја нацртал. Не постојат докази дека овој настан влијаел врз развојот на неговиот антисемитизам.
И покрај многубројните анализи, во неговиот ран живот нема јасни знаци за тоа што подоцна ќе следува.
Токму тоа дополнително го продлабочува прашањето - како настанало едно од најголемите зла во историјата на човештвото.
Извор:
Nova.rs
Фото:
Wikipedia