X
 14.06.2018 Култура

„Дали имам добар шеф“ и други прашања клучни за кариерата




Мајк Стиб е поранешен директор на новите платформи во „Гугл“, а сега има своја фирма и професија што го прави среќен. Ги советува сите што сакаат да напредуваат во својата кариера да си ги постават овие три прашања.


Мајк Стиб
(Фото: XO Group Inc.)


Мајк Стиб, шефот на компанијата „XO Group“, собрал многу искуства на различни позиции во текот на неговата кариера.

Неговата прва работа по дипломирањето била на позицијата бизнис-аналитичар во компанијата „McKinsey“. Оттогаш бил шеф за дигитален бизнис во американската медиумска куќа „NBC Universal“ и директор на новите платформи во „Гугл“. Сега ја води фирмата „XO Group“, која им помага на луѓето да си ги планираат најважните денови, како венчавките.

За „Бизнис инсајдер“, Стиб издвои три прашања што секоја личност треба да си ги постави додека размислува за промена на кариерата. Еве кои се тие...

1. Дали сум мотивиран/а за промена на професијата?

Прво нешто за што треба да размислувате, според Стиб, е што ви е важно и влијанието што сакате да го имате.

„Многу е важно да сте во професија што ви овозможува влијание“, рекол тој. „Значи, ако работите на одредено место, а не сте мотивирани да ја остварите целта за која работите или за она што ви го овозможува работата, треба да работите на друго место.“

Стиб додал дека преку неговата компанија им помага на луѓето да ги испланираат најважните денови од нивниот живот – нешто што силно го мотивира.

„Навистина ми се допаѓа, не би ја менувал оваа работа за ниедна друга“, рекол тој. „Работете нешто што ви е важно, што е во дослух со вашите вредности и е важно за другите. Ако не го правите тоа – почнете да го правите.“

2. Дали работата ме учи на нови нешта?

Второто прашање е посветено на тоа што добивате од работата и дали сте на вистинското место во вистинското време. За Стиб, пресвртен момент бил оној кога сфатил дека сака да работи со најдобрите умови од полето на технологијата. Тогаш отишол во „Гугл“.

„Во мојата кариера бев насочен да станам стручњак за водење технолошка компанија“, рекол тој. „Сакајте да работите на место што ќе ви даде знаење за нештата што треба да ги научите и за искуствата и вештините што треба да ги развиете.“   

3. Дали имам добар шеф?

Постои теорија која вели дека луѓето ги напуштаат шефовите, а не компаниите, и Стиб се согласува со тоа. На своето семејство и на пријателите им рекол дека ако немаат шеф кој е добар тренер, добар ментор или добра поткрепа, време е да размислат за промени.

„Кога и да ме праша некој како да ја поправи ситуацијата со лошиот шеф, мојот совет е секогаш ист“, рекол тој. „Единствен начин да се ослободите од лошиот шеф е да најдете нов.“

Лошите шефови и менаџери, вели тој, се луѓе кои не се заинтересирани за својот тим. Таквите не преземаат одговорност кога нештата ќе тргнат во лош правец. Од друга страна, добрите менаџери вработуваат добри луѓе и значително време посветуваат на тренинг и на развој.

„Да се биде шеф е многу тешка работа, тоа е света одговорност бидејќи тој е одговорен за успехот на другите луѓе“, рекол Стиб. „Најдете ми некој што си ја мрази професијата и што се пожалил на лоша работна седмица како резултат на својот шеф. Тоа е огромна одговорност за некој што презема управувачка функција.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура