X
 14.07.2021 Образование

Објавен конкурсот за прием на студенти во студентските домови

Министерството за образование и наука го објави конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување во Македонија за студиската 2021/2022 година.

Според конкурсот, во земјава има 5.235 легла за студентите на додипломски студии, од кои 1.249 се за бруцоши, а другите се за студентите од другите студиски години. Најмногу легла има во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, каде што е предвидено да се сместат 1.216 студенти.

- Студентите што ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во студентскиот дом. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом - се наведува во конкурсот.

Во него се додава дека рокот за пријавување на студентите од II година и повисоките години почнува од 26.07.2021 година и трае до 20.08.2021 година. Рокот за пријавување на студентите од I година почнува од 06.09.2021 година и трае до 24.09.2021 година. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи до пополнување на истите, но најдоцна до 15.11.2021 година.

Во конкурсот е наведено дека конечниот список за прием на студентите од II година и повисоките години ќе се објави на 30.08.2021 година на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на веб-страницата на Министерството. Приговор по резултатите се доставува до архивата на МОН, „ул. Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, Скопје во рок од 5 дена од денот на објавувањето на резултатите.

Конечниот список за прием на студенти од I година, пак, ќе биде објавен на 30.09.2021 година на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на веб-страницата на Министерството. Приговор по резултатите се доставува до архивата на МОН, „ул. Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, Скопје во рок од 5 дена од денот на објавувањето на резултатите.

Сместувањето на студентите почнува од денот на потпишаниот договор со домот, но не подоцна од 10 дена од објавениот конечен список.

ТУКА можете да го прочитате целиот конкурс и да ги преземете потребните документи за аплицирање.

Фото: Архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование