X
 28.10.2022 Живот

Реновирањето на студентските домови ќе почне во март идната година, а ќе трае 30 месеци

Најавеното реновирање на студентските домови ќе почне во март идната година и, како што изјавија од Министерството за образование и наука за Факултети.мк, ќе трае 30 месеци. Тоа значи дека веројатно ќе заврши во септември 2025 година.

Од МОН најавија реконструкција на сите девет државни студентски домови во рамки на проект за енергетска ефикасност, за што веќе е започната постапка за избор на изведувач.

- Во рамките на проектот за енергетска ефикасност на студентски домови, кој предвидува целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови, веќе е започната постапка за избор на најповолен изведувач на градежните активности и се очекува да заврши до крајот на 2022 - истакнаа од МОН.

Оттаму додаваат дека се обезбедени 20.000.000 евра заем преку германската развојна банка KfW и дополнително уште 4.785.067,87 евра грант преку WBIF, финансирани од Европската Унија за реконструкција на студентските домови во Македонија.

- Средствата што се издвоени за реконструкција на студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов” се околу 10.000.000 евра. Се очекува да се започне со градежни работи во март 2023 година. Реконструкцијата на студентските домови се очекува да трае 30 месеци од започнувањето на работите - заклучуваат од МОН.

Директорот на Државен студентски дом - Скопје, Виктор Велевски, во јуни за Факултети.мк најави распишување на тендер за избор на фирма која ќе ги реконструира студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје кон крајот на јули или почетокот на август. Тој изјави дека реновирањето ќе опфати целосна реконструкција и подобрување на енергетската ефикасност на објектите во „Кузман Јосифовски-Питу“, зградите еден, два и три од „Стив Наумов“, како и мензите во рамките на овие домови и онаа во студентскиот дом „Гоце Делчев“, која не беше опфатена со претходното реновирање.

Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ годинава е затворен, исто како и првата и втората зграда во „Стив Наумов“.

 Факултети.мк минатиот месец го посети студентскиот дом „Стив Наумов“, каде што се менуваа врати во тоалетите и бањите и се ставаа подни плочки и веце-школки во тоалетите.
Подготвил: Б.А.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот