X
 14.07.2024 Живот

Кога не треба да го пиете вашето прво утринско кафе?

Кафето има совршен вкус, нѐ буди и ни дава моменти на мир и задоволство, односно доволно време да се подготвиме за претстојниот ден, па не е ни чудо што тоа е редовна навика во нашето секојдневие.

Сепак, колку и да сакаме да се напиеме кафе веднаш штом ќе станеме од кревет, тоа не е најдобро време нашето тело да ја добие утринската доза кофеин.

Научниците тврдат дека најдобро време за пиење кафе не е веднаш по будењето, туку 1-1,5 час по будењето.

Зошто е така? Имено, во тој час по будењето производството на кортизол во организмот е на еден од трите дневни максимуми.

Кортизолот често се смета за хормон на стрес бидејќи се лачи во поголеми количини кога чувствуваме напнатост.

Од друга страна, кортизолот може да се толкува и како хормон на будност бидејќи причината зошто нашите тела произведуваат повеќе кортизол кога сме под стрес е тој што ја зголемува будноста, односно придонесува за нашиот одговор „бори се или бегај“ кога се соочуваме со вознемирувачки ситуации.

Внесувањето кофеин во време кога телото е веќе на врвот на производството на кортизол го учи телото да произведува помалку кортизол.

Ова не само што го поткопува ефектот на кофеинот, туку и дејствува така што кортизолот не придонесува за чувството на будност што вообичаено го прави. Едноставно кажано, кафето и кортизолот во комбинација значат дополнителен стрес и поголема нервоза. Спротивно на тоа, пиењето кафе кога нивото на кортизол е ниско го подобрува расположението и го зголемува нивото на енергија.

Затоа, ако сакате да извлечете максимум од вашето прво утринско кафе, обидете се да почекате еден час откако ќе се разбудите пред да си го приготвите.

Извор: n1info.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот