X
 22.09.2020 Живот

„Земјата има рок“ - часовник во Њујорк покажува колку време ни преостанува за да ја спасиме планетата

Повеќе од 20 години Метроном, кој вклучува 18 метри широк, 15-цифрен електронски часовник, е еден од најистакнатите јавни уметнички проекти во градот.

Неговиот дигитален дисплеј еднаш го покажувал времето на уникатен начин, сметајќи ги часовите, минутите и секундите до полноќ и од полноќ. Но, со години набљудувачите што не сфаќаа како работи посочуваа дека ги мери хектарите дождовни шуми уништени секоја година, или можеби го следи светското население или, пак, има некаква врска со бројот пи.

Во саботата Метроном претстави нова еколошки чувствителна мисија. Наместо да го мери 24-часовниот циклус, се мери она што двајцата уметници Ган Голан и Ендру Бојд го претставуваат како критична временска рамка за акција за да се спречи ефектите од глобалното затоплување да станат неповратни.

Во саботата, во 15:20 часот, на екранот се појави порака со содржина: „Земјата има рок“, а потоа се појавија броевите 7:103:15:40:07 - прикажувајќи ги годините, деновите, часовите, минутите и секундите до тој рок.

Уметниците велат дека броевите се базираат на пресметките на Институтот за истражување „Меркатор“ за климатски промени.

- Ова е нашиот начин да го покажеме тој број. Светот буквално смета на нас - вели Голан.

Климатскиот часовник, како што го нарекуваат двајцата уметници, ќе биде прикажан на зградата до 27 септември, до крајот на неделата на климата. Креаторите велат дека нивната цел е да направат часовникот постојано да се прикажува, без оглед дали е таму или на друго место.

casovnik
Фото: New York Times

Голан вели дека дошол до идејата јавно да ја илустрира итноста во борбата против климатските промени пред две години, непосредно по раѓањето на неговата ќерка. Тој го замолил Бојд, кој е активист, да работи со него на проектот. Тие претходно направиле друг часовник за климата за Грета Тунберг, тинејџерката-активист од Шведска, пред нејзиното појавување на Самитот за климатски активности на Обединетите нации што се одржа минатата година.

Нивната цел за создавање ваков часовник била делумно под влијание на „Часовникот на судниот ден“, кој го одржува Билтенот на нуклеарни научници. Уметниците одлучиле дека климатскиот часовник најголемо влијание ќе има доколку се прикаже на видлив јавен простор и се претстави како статуа или уметничко дело.

- Ова е најважната бројка во светот. А споменикот честопати покажува што е важно за едно општество, што го воздигнува и што е во центарот - вели Бојд. Така, Голан и Бојд одлучиле да го искористат Метроном.

Климатскиот часовник ќе го потсетува светот секој ден колку сме опасно блиску до работ. Оваа иницијатива ќе ги охрабри сите да ни се придружат во борбата за иднината на нашата планета. За да го опишат проектот, Голан и Бојд создале веб-страница што вклучува објаснување за броевите на климатскиот часовник, вклучително и линк до извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени, тело на Обединетите нации што ја проценува науката поврзана со климатските промени.

Во извештајот издаден во 2018 година се вели дека глобалното затоплување помеѓу 2030 и 2052 година веројатно ќе се зголеми за 1,5 Целзиусов степен во споредба со прединдустриските нивоа, доколку продолжи со сегашната стапка. Тоа ниво на затоплување се предвидува да ги зголеми штетите на многу екосистеми и да предизвика штета од околу 54 билиони долари, се вели во извештајот.

Веб-страницата исто така го следи растечкиот процент на светска енергија што се снабдува од обновливи извори. И дава насоки за тоа како да се изградат мали, евтини часовници, каков што ѝ бил направен на Грета Тунберг.

- Не можете да се расправате со науката. Треба само да се согласите со неа - рече Бојд.

Извор: New York Times
Фото: New York Times
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот