X
 14.08.2016 Култура

"Бог е мртов" - Што навистина Ниче мислел со ова?

Пред 134 години Фридрих Ниче рекол: „Бог е мртов“, давајќи им на студентите по филозофија главоболка која трае од 19-от век, па се' до денес. Ова е можеби една од најпознатите реченици во филозофијата, која произлегува од книгата „The Gay Science“. Но, дали точно знаеме што значи тоа? Поважно, што тоа значи за нас?


Ниче бил атеист - тој со изјавата не мислел дека Бог кој постоел умрел; тој мислел за идејата која луѓето ја имале за Бога. После просветувањето, идејата за вселената регулирана со законите на физиката, а не според божјата промисла, стана реалност. Филозофијата покажа дека владите повеќе не треба да бидат организирани околу идејата за легитимноста на божјото право, туку со согласност и рационалност  - големите и доследни морални теории без повикување на Бог. На Европа повеќе не ѝ бил потребен Бог како извор на моралот, вредноста или редот во универзумот; филозофијата и науката биле способни да го направат тоа за нас. Ова зголемување на секуларизацијата на мислата доведе филозофот да сфати дека не само што Бог е мртов, туку и дека ние го убивме со нашата сопствена желба подобро да го сфатиме светот.

Смртта на Бога за Ниче не значела добра работа. Без Бог, во опасност се наоѓал основниот систем на верување на Западна Европа.

„Кога човек се откажува од христијанската вера, тогаш се повлекува христијанскиот морал. Христијанството е систем, во целина поглед на нештата обмислени заедно. Со кршење на еден главен концепт надвор од системот, верата во Бога, се крши целината“.

Ниче сметал дека ова ќе биде добра работа за некои луѓе, велејќи: „после слушање на новостите дека „стариот Бог е мртов“, филозофите и слободните духови се почувствуваа осветлени со новата зора“. Со заминувањето на стариот систем, би можел да се создаде нов, но со ризици. Ниче верувал дека отстранувањето на овој систем, луѓето биле под ризик од очај и бесмисленост. Која е целта на животот без Бог? Дури и ако постоеше, Западот сега знаеше дека тој не ги ставил нив во центарот на универзумот. Ниче стравувал дека ова разбирање на светот ќе доведе до песимизам и „волја за ништо“.

„Она со што се поврзувам е историјата на следните два векови. Го опишувам она што доаѓа, она што не може да дојде поинаку: доаѓањето на нихилизмот. Веќе некое време, целата европска култура се движи кон катастрофа“.

Секако, Ниче знаел дека ова доаѓа, такашто го понудил неговото решение. Создавање на сопствената вредност како индивидуи. Создавање на смислата на животот на оние кои го живеат. Тој нуди алтернативен одговор на нихилизмот и она што тој го гледал дека луѓето ќе го изберат: последниот човек. Човекот кој живее мирен живот во удобност, без смисла за индивидуалност или личен раст.

Сигурно би прашале: Ако Бог е мртов веќе долго време и ние треба да страдаме знаејќи го ова, тогаш каде се сите атеисти? Самиот Ниче дал одговор: „Бог е мртов; но поради природата на човекот, може се'уште да постојат пештери кои ќе ја прикажуваат неговата сенка илјадници години“.

Се чини дека успеавме да се справиме со смртта на Бог подобро отколку што мислел Ниче - ние не сме последните луѓе, ниту пак сме во ситуација каде моралот се смета бесмислен. Се чини дека луѓето успеале да создадат свет каде потребата од Бог е намалена за некои луѓе, без да паднат во очај или колективен хаос.

Дали ние како индивидуалци можеме да ги создадеме нашите сопствени вредности? Да создадеме значење во животот самите ние, без помош од Бога, догмата или популарниот избор? Можеби некои од нас имаат подобра шанса за тоа, ако подобро ги разберат последиците од смртта на Бога. Очајот поради смртта на Бога може да даде ново значење за нашите животи; како што рекол Жан Пол Сартр: „Животот започнува од другата страна на очајот“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура