14.08.2018
Живот
КФЦ ги отвора првите два ресторана во Македонија
Првите два ресторана на американскиот бренд КФЦ ќе бидат отворени во Скопје и во Тетово на 14 септември годинава. Ова го најави сопственикот на лиценцата Фатмир Зимбери на средба со премиерот Зоран Заев.
Како што соопштуваат од владината прес-служба, американската компанија ќе инвестира повеќе од 10 милиони евра и согласно подготвениот бизнис-план, планирано е да се отворат повеќе ресторани во земјава со околу 400 нови работени места.
Премиерот Заев, поздравувајќи ги намерите на компанијата, изрази особено задоволство поради доаѓањето на светски познатиот бренд и порача дека секоја нова инвестиција во Македонија освен што отвора нови работни места и придонесува за економскиот развој, испраќа и силна порака до новите инвеститори дека државата е безбедна и солидна на пазарот.
Сопственикот на лиценцата, господинот Зимбери, информираше дека до крајот на годината се планира отворање на вкупно три ресторани во Македонија, со подготвен четиригодишен бизнис-план за отворање 15 до 20 ресторани со вкупно 400 вработени.
- Особено сум среќен дека со инвестицијата вредна над 10 милиони евра ние обезбедуваме партнерство исклучиво со домашни компании од кои се снабдуваме со потребните суровини и намирници - истакна сопственикот на лиценцата.
Зимбери додаде дека КФЦ како лидер во подготовка и послужување на пилешко месо веќе има направено анализа на позициите на регионите во Македонија, каде што може да се стимулира одгледувањето на кокошки.
- Отворањето на КФЦ е голем чекор во демонстрирањето на инвестициска клима во Македонија и особено сум среќен поради доаѓањето на овој бренд и поради фактот што се испраќа порака за другите нови инвеститори, со што ќе се зголеми вработувањето и ќе се отворат нови економски можности - рече премиерот Заев.
Тој ги истакна заложбите и политичката волја на Владата да гради партнерски однос со бизнис-заедницата, преку редовна и интензивна комуникација за потребите на бизнисот и за унапредување на економијата.
Компанијата КФЦ, со седиште во Кентаки, САД, е основана во 1991 година и со повеќе од 23.000 ресторани во над 120 држави е втор најголем ресторан за брза храна во светот. КФЦ е лидер во подготовка и послужување пилешко месо подготвено на специфични начини.
Извор: МИА