Сите знаеме дека преработената храна не е добра за нас, но една студија ни даде и увид во тоа колку брзо брзата храна може да предизвика биолошки промени.
Фото: Pixabay
Во студијата, истражувачите побарале од 20 Американци што обожаваат брза храна да го заменат начинот на исхрана со 20 лица што живеат во руралните делови од Јужноафриканската Република и утврдиле дека за две недели Јужноафриканците имале значителни промени во биомаркерите кои посочуваат дека има ризик од рак на дебелото црево. Добрите вести се дека кај Американците значително се намалиле овие биомаркери благодарение на новиот начин на
исхрана.
- За само две недели замената на американскиот начин на исхрана со традиционалната африканска храна, која е богата со влакна и е нискокалорична, ги намали овие биомаркери на ризик од рак, посочувајќи дека никогаш не е доцна да се промени ризикот од рак на дебелото црево - истакна главниот истражувач Стивен О'Киф од Универзитетот во Питсбург.
Студијата следуваше откако истражувачите забележаа дека Афроамериканците имаат повеќе од 13 пати поголем степен на рак на дебелото црево од руралните Јужноафриканци. Тие веќе знаеле дека оваа разлика најверојатно е резултат на тоа што храната на Американците е сиромашна со влакна и содржи многу маснотии, но она за што не биле сигурни е колку брзо промената во исхраната може да влијае врз ризикот од рак на дебелото црево.
За да дознаат, истражувачите зеле 20 здрави средовечни волонтери од двете заедници и направиле двонеделна замена која била набљудувана одблиску. За тоа време Американците јаделе нискокалорична храна, додека волонтерите од Јужна Африка ја јаделе брзата храна на Американците.
Пред експериментот и по неговото завршување истражувачите ги измериле важните биомаркери кои посочуваат на ризик од рак на дебелото црево. Резултатите дошле многу брзо. Промените во исхраната резултирале со значителни реципроцитетни промени во мукозните биомаркери за ризик од рак и од аспект на микробиотата и метаболомот, за кои се знае дека влијаат врз ризикот од рак.
Очигледно ова е многу мала студија, па не можеме да ги прочитаме резултатите, но тие се совпаѓаат со многу истражувања кои поврзуваат лоша исхрана со исцрпувачки болести. Истражувачите веќе проценуваат дека околу една третина од случаите со рак на цревата може да се избегнат преку промена на исхраната, а една студија објавена оваа година исто така покажа дека само петдневна промена на исхраната може да го смени начинот на кој нашите тела ја преработуваат храната.
- Многу е охрабрувачки што само двенеделна промена на подобро може да донесе промени во здравствените маркери кои посочуваат дека има подобрување - вели Аманда Салис, експерт за исхрана и дебелина при Универзитетот од Сиднеј, која не била вклучена во студијата.
И додека треба да се направат уште истражувања за тоа колку брзо влакната можат да ги сменат нашите тела, ајде да се тешиме со фактот дека за две недели би можеле да бидеме многу поздрави отколку што сме сега. Само треба да имаме волја да се придржуваме до одреден начин на исхрана.