X
 14.08.2023 Наша тема

Мајкл Георгиевски доби целосна стипендија за МИТ: „Сѐ што знам имам научено или самиот или со помош на извори и ментори надвор од образовниот процес“

Мајкл Георгиевски соборува рекорди во освоени медали на меѓународни олимпијади по физика, за еден месец се закити со сребро во Германија и бронза во Јапонија.

Пред да замине да студира физика на еден од најпрестижните факултети во САД, МИТ, матурантот Мајкл Георгиевски од Кавадарци на брилијантен начин ја заврши сезоната на постигнати успеси на меѓународни средношколски олимпијади по физика. За еден месец освои два медала - сребрен на 7. Европска олимпијада по физика што се одржа на 20 јуни во Хановер, Германија, и бронзен на Меѓународната олимпијада по физика што се одржа од 10 до 17 јули во Токио, Јапонија. Речиси и да нема меѓународен натпревар по физика на кој се појавил Георгиевски, а заминал без награда. Во неговата колекција на медали се и среброто на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки во 2019 година, сребрен медал на Балканската олимпијада по физика во 2021 година, како и други пофалници.

- Сите тие се награда за вложениот труд низ годините. На последниот натпревар на кој учествував, на Меѓународната олимпијада по физика во Токио, Јапонија, имаше 84 земји со над 400 учесници. Како и секогаш, медал не е лесно да се освои, но овој пат јас комотно освоив бронза и бев многу блиску до сребро - вели Георгиевски.



За теоријата и експериментот се предвидени 10 часа

Околу самиот карактер на натпреварот, објаснува дека се состои од два натпреварувачки дена – експеримент и теорија. Учесниците имаат вкупно пет часа да сработат две експериментални задачи, секоја од нив вреди 10 поени. Станува збор за склопување опрема, мерење и анализа на измерените податоци за да се добие заклучок. По еднодневна пауза следуваат три теоретски задачи кои носат по 10 поени, а времето за решавање е повторно пет часа.

- Оваа година експериментот и теоријата не беа многу сложени, но затоа пак, проблем беше временското ограничување. Експериментот бараше многу време за поставување на опремата, а теориските задачи беа доста обемни за обезбеденото време - вели Георгиевски.

Дел од македонскиот тим беа и Јан Стојановски, Матеј Гелев, Емилија Николовска и Кристијан Шишковски. Сепак, како што е случајот со сите средношколски олимпијади по физика, и на оваа се бараше индивидуално решавање на задачите.



- Јас уште од најмала возраст сум заинтересиран за науката. Почнав со математика и во текот на образованието вниманието ми го привлече физиката. Ми беше интересна затоа што целта ѝ е да опише настани од реалниот свет - вели олимпиецот.

Своето образование го стекна во Македонија, инаку роден е и живеел до една година во САД кога родителите, татко му Македонец, а мајка му Ерменка, решиле да се вратат и да живеат во нашата земја. Мајкл смета дека државата треба повеќе да вложува во образованието.

- Нашиот образовен систем, особено во основно и средно образование, очигледно е дека не функционира најдобро. Државата обезбедува многу малку ресурси за да има подобрување. Со падот на неговиот квалитет паѓа и интересот кај младите, па така и бројот на студенти во Македонија опаѓа. Јас лично сѐ што знам имам научено или самиот или со помош на извори и ментори надвор од образовниот процес - додава Георгиевски.



Сака да студира на високорангиран факултет во светот

Тој ја разгледувал можноста да остане да студира тука, но сепак целта му е да се запише на некој од високорангираните факултети во светот, и тоа по можност во САД. Така, аплицираше и доби стипендија на еден од најпрестижните факултети во Соединетите Американски Држави, на Институтот за технологија во Масачусетс - МИТ.

- МИТ на некој начин ме одбра мене бидејќи тој ми беше прв избор уште пред да почнам со процесот на аплицирање. Кога веќе успеав да влезам во тесниот круг од околу 1.250 студенти кои се запишаа оваа година и добив целосна стипендија, немав дилеми. Сметам дека МИТ е најдоброто место за мене бидејќи планирам да студирам физика, со тоа што размислувам и за потенцијален спој со програмирањето - вели матурантот.



Да се обрне поголемо внимание на науката во земјава

Планира да остане во САД некое време за ги заврши студиите и да магистрира или да работи, но секако планира да се врати во Македонија барем за некој период.

- Доколку имам можност, би ги поттикнал луѓето да обрнат поголемо внимание на науката. Мислам дека има многу генијални умови кои не се користат со целиот нивни капацитет бидејќи општеството оди кон фаза на опстанок. Повеќето луѓе не ни пробуваат да разберат како функционира светот околу нив. Мислам дека ако правилно се обучат повеќе луѓе, можеме да дојдеме до многу нови иновации - вели Георгиевски.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема