X
 10.02.2022 Здравје

Ентони Фаучи: Во САД е завршена најтешката фаза од пандемијата

САД излегуваат од „најтешката“ фаза на пандемијата со коронавирусот, изјавил главниот медицински советник на Џо Бајден, Ентони Фаучи. Тој се надева дека во следните месеци ќе бидат укинати сите ограничувања поврзани со пандемијата, вклучувајќи го и носењето маски. Фаучи изнел сценарио во кое локалните здравствени оддели ќе го водат одговорот на вирусот, а не Владата.

- Како што излегуваме од полната фаза на пандемијата на коронавирусот, овие одлуки повеќе ќе се донесуваат на локално ниво, а не на централно ниво или на база на мандат. Исто така, ќе има повеќе луѓе кои сами ќе носат одлука за тоа како сакаат да се справат со вирусот - изјавил Фаучи.

Тој очекува укинување на мерките оваа година, иако локалните здравствени оддели би можеле привремено повторно да воведат мерки ако има случаи на епидемија.

Помеѓу научниците во светот има оптимизам дека сојот омикрон би можел да го најави крајот на најштетната фаза од пандемијата. Досега во САД од ковид-19 починале над 900.000 луѓе. Дневниот број на смртни случаи и понатаму е висок, но бројот на новозаразени лица почнал да опаѓа.


Фото: Tia Dufour/Wikipedia

Фаучи изјавил дека не постои начин да се искорени вирусот, но има можност наскоро да се воспостави рамнотежа во која Владата нема да мора да обрнува толку големо внимание на нивото на заразување.

- Но се надевам дека ќе дојде време кога ќе имаме доволно вакцинирани и доволно луѓе со заштита од претходна инфекција за ограничувањата поради вирусот наскоро да бидат работа од минатото - изјавил Фаучи.

Сепак, според него, голем дел од жителите треба да примаат редовна бустер-доза од вакцината за да се реализира ова сценарио.

- Меѓутоа, ако сте нормална, здрава 30-годишна личност без основни здравствени проблеми, можеби ќе ви треба дополнителна доза на секои четири или пет години - додал тој.

Извор: Klix
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје