X
 14.08.2023 Наука

НАСА сака да испрати луѓе на астероид со помош на компанијата „Спејс екс“

Неодамна НАСА разви план за испраќање астронаути на астероиди кои ѝ се приближуваат на Земјата. Планот наречен „Изгледи за идни мисии на вселенски летови со екипаж до астероиди блиску до Земјата“ потекнува од говорот што го одржа претседателот Обама во вселенскиот центар „Кенеди“ во 2010 година.

Забелешките на Обама требаше да ја смират бурата што тој ја создаде кога ја откажа програмата „Соѕвездија“, последниот обид астронаутите да одат на Месечината. Како утешна награда тој предложи да се испратат астронаути на астероид кој се приближува до Земјата, пред да започне експедиција со екипаж на Марс. Новиот предлог, кој сè уште не е финансиран, е ажурирана верзија на планот на Обама, со користење на „Спејс екс“ наместо „Орион“.

Предлогот на Обама не беше сериозен. Брзо се смени во нешто наречено мисија за пренасочување на астеорид, која предвидуваше пренасочување на мал астероид или можеби карпа од астероид во орбитата на Месечината, каде што ќе беше посетен од „Орион“ со екипаж. Но, никој не ја сфати идејата сериозно.

Д-р Ричард Бинзел од Институтот за технологија во Масачусетс, еден од водечките светски експерти за мали, небесни тела, како што се астероидите и кометите, предложи истражување на астероиди кои се приближуваат кон Земјата, од кои некои може да се вистинска закана за Земјата.

Мисијата за пренасочување на астероиди замре кога претседателот Трамп ја презеде функцијата и ја започна програмата „Артемида“, што ја пренасочи НАСА на испраќање астронаути назад на Месечината. За разлика од претходните обиди, „Артемида“ доживеа значителен технички и политички успех, а беше успешна и „Артемида 1“, мисија без екипаж околу Месечината.

Сега идејата за испраќање на екипаж до астероид кој се приближува до Земјата е далеку посупериорна од првичниот предлог на Обама. Вселенските летала на „Спејс екс“ можат да однесат 100 метрички тони или повеќе во внатрешниот Сончев Систем.

Според планот на НАСА, овој вселенски брод би бил лансиран во ниската орбита на Земјата во 2039 година. Бродот ќе патува надвор од орбитата на Земјата и ќе се сретне со астероид наречен 2001 FR85, кој се проценува дека е со големина од 29 до 65 метри. Бродот би летал во тандем со астероидот, земајќи примероци и оставајќи зад себе роботи. Потоа ќе летне назад во орбитата на Земјата, каде што екипажот ќе се префрли во друг брод за да се врати на Земјата.

Авторите на планот ја оправдуваат мисијата затоа што астероидите кои се приближуваат до Земјата би можеле да се судрат со Земјата. Голем астероид предизвикал истребување на диносаурусите кога удри во Земјата пред околу 63 милиони години. Проучувањето на астероидите што се приближуваат кон Земјата одблиску ќе даде подобро разбирање за тоа како овие објекти се однесуваат во случај некој да биде откриен на пат кон Земјата и да треба да се пренасочи.

Другата причина да се испрати екипа на астероид кој се приближува кон Земјата е тоа што астероидите, заедно со Месечината, претставуваат ризница на корисни ресурси.

Извор: Thehill.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука