Дали сиромаштијата е прашање на пари или на карактер? Ова е прашање на кое социолозите, филозофите и економистите се обидуваат да одговорат стотици години. Кога теоријата не помага, истражувачите се потпираат на практиката, па еден одговор на ова прашање го даде експеримент од 1974 година.
Веќе заборавениот експеримент „Минком“ (Mincome) во Дофин, Канада, е еден од најзначајните општествени експерименти во оваа земја. Овој експеримент бил направен за да се истражи ефектот на „загарантиран основен приход“ врз секојдневниот живот на жителите на градот Дофин.
Експериментот бил започнат како заеднички проект на владата на провинцијата Манитоба и федералната влада на Канада. Идејата била да се обезбеди финансиска поддршка за домаќинствата со ниски приходи и на тој начин да се истражат потенцијалните позитивни ефекти што таквиот облик на социјална помош може да ги има врз намалувањето на сиромаштијата, невработеноста и другите социјални проблеми.
Спроведениот експеримент вклучувал распределба на гарантиран основен приход на семејства чии годишни примања биле под одреден праг. Таа сума на пари не била доволна за луксузен живот, но била доволна за основни потреби. Целта била на тие семејства да им се обезбеди сигурен и стабилен приход кој ќе им обезбеди основен животен стандард.
Резултати од експериментот
Во текот на петте години од започнувањето на експериментот, резултатите биле значајни. Утврдено е дека гарантираниот основен приход значително придонел за намалување на стапката на сиромаштија кај учесниците. Многу семејства што добиле финансиска поддршка можеле да се потпрат на редовните приходи и полесно да ги планираат своите финансии. Исто така, учесниците пријавиле подобрена ментална благосостојба, помалку стрес и поголемо чувство на сигурност.
Една од клучните предности на експериментот била можноста за истражување како гарантираниот основен приход влијае врз пазарот на трудот. Во многу слични програми постои загриженост дека луѓето може да престанат да работат и да се потпрат само на социјалната помош. Меѓутоа, во експериментот од 1974 г. таквите промени биле минимални. Повеќето луѓе сè уште работеле, но имале повеќе слободно време да го посветат на образованието, семејството и грижата за заедницата.
Иако резултатите биле ветувачки, експериментот бил прекинат пред да биде завршен поради промена на владата и различни финансиски приоритети. Податоците останале необработени и заборавени долго време.
Меѓутоа, во последните децении интересот за гарантиран основен приход повторно се зголеми, а некои истражувачи и активисти ги користат резултатите од експериментот за да ги поддржат нивните аргументи за социјална политика. Евелин Форгет, студентка по психологија од Торонто, решила да го анализира овој експеримент и успеала да добие податоци кои биле „затворени“ во библиотека.
Она што ѝ го откриле податоците е дека поради подобрите финансиски услови, населението помалку го оптоварувало здравствениот систем, а локалните бизниси процветале бидејќи поради повисоките приходи, банките биле подготвени да им помогнат на граѓаните.
Но, она што било клучно е тоа што во 1976 година, 100 отсто од младите од тоа место завршиле средно образование. Ова е неверојатен податок бидејќи дотогаш најголемиот дел од домаќинствата немале средства да ги „доведат децата до крај“ на школувањето, а младите биле принудени на 16 години да го напуштат училиштето и да најдат работа.
Извор:
Bonitet
Насловна фотографија: Pixabay