X
 25.12.2020 Наша тема

Брановите на Ковид-19 носат бранови на сиромаштија. Што нѐ очекува?

Негативните ефекти од кризата може да бидат особено силни врз семејствата со три и повеќе деца, децата Роми и селските домаќинства. Но таа ќе изврши удар и врз лицата што имаат несигурни работни места, првенствено во услужните дејности

Младите лица, семејствата со три и повеќе деца, вработените со договори на дело или хонорарно ангажирани и децата се во опасност да западнат во сиромаштија поради пандемијата на Ковид-19. Ширењето на вирусот и вториот бран кој ја зафати земјава, како и поголем дел од земјите во соседството, Европа и пошироко, извршија силен удар врз економијата, поради што голем дел од економските активности се закочени. Рестриктивните мерки, но и намалената потрошувачка поради препораките за дистанцирање се одразуваат врз рентабилноста на компаниите, а со тоа и врз работниците и нивните плати.

- Пандемијата ќе предизвика осиромашување на граѓаните. Колку подолго трае и колку посериозно удира, толку поголем ќе биде ефектот на осиромашување. Тоа е важна димензија на проблемот, кој многу луѓе избираа да не го гледаат кога ноншалантно се однесуваа кон мерките за заштита од Ковид-19. Секоја сериозна здравствена криза носи висок ризик да предизвика економска криза, а во услови на капитализам, економска криза доведува до негативни економски последици за некапиталистичките слоеви од населението. Осиромашувањето, или она што еуфемистички се нарекува „пад на животниот стандард“, ќе погоди многу категории од населението. Некои во првиот бран, а некои во вториот или третиот бран на осиромашување. Некои луѓе ќе паднат под прагот на сиромаштијата (и статистички ќе се бројат како сиромашни), а другите ќе осиромашат без притоа да паднат под тој праг (и ќе бидат статистички „невидливи“). Главниот удар на осиромашувањето оди по линија на губењето на работни места. Останувајќи без работа, работниците и нивните семејства ќе осиромашуваат. Особено на удар се прекарните работници, оние што имаат несигурни работни места, првенствено во услужните дејности. Губењето на пазарите за пласман на земјоделските производи исто така предизвикува осиромашување кај многу земјоделски семејства - вели професорот Здравко Савески.

Тој посочува дека ако продолжи здравствената, а со неа и економската криза, ќе биде под притисок и исполнувањето на социјалните функции од страна на државата, исто така ќе се намали куповната моќ на граѓаните, а тоа ќе дојде до дополнителен бран на губење на работните места и осиромашување. Според него, во понатамошниот развој на економската криза може да дојде до проблеми со сервисирањето на надворешниот долг и обид на власта товарот за тоа да го префрли на граѓаните, предизвикувајќи нов бран на осиромашување.



- Осиромашувањето нема да зависи само од долготрајноста и длабочината на здравствената криза, туку и од подготвеноста на луѓето да се спротивстават на обидите за префрлање на економските последици врз нивен грб - потенцира Савески.

Од Сојузот на синдикати на Македонија посочуваат дека здравствената криза предизвикана од Ковид-19 во светски рамки, а со тоа и кај нас, е најголем предизвик со кој се соочуваат сите земји, вклучително и Македонија. Покрај предизвиците во областа на здравството и здравствените системи, пандемијата, како што истакнуваат од ССМ, ја разниша и економијата во целиот свет, предизвикува пропаѓање на бизниси, намалување на платите и приходите на граѓаните и отпуштање од работа.

- Според последниот податок на Државниот завод за статистика, во 2018 година во сиромаштијата биле 21,9 отсто од населението. Поради кризата предизвикана од коронавирусот, се заканува зголемување на сиромаштијата. Неофицијално таа би изнесувала до 23 проценти - посочуваат од ССМ.
Според податоци на АВРМ (Агенција за вработување на Република Македонија), на 1.1.2020 година бројот на невработени лица што бараат работа изнесувал 101.748, а во ноември бројот на невработени лица бил 155.218.

Според Сојузот на синдикатите на Македонија, кој ја пресметува синдикалната минимална кошница, таа е во пораст од започнувањето на кризата и до октомври 2020 се зголемила за 2,32 проценти, односно за 760 денари. Ова укажува дека растат трошоците на граѓаните.

Од ССМ посочуваат дека на нивно барање, со новиот Закон за финансиска поддршка на работодавците погодени од здравствено-економската криза, се спречува отпуштање на работниците за времетраење на финансиската поддршка и два месеца по завршувањето на месецот за кој е користена финансиската поддршка.

- Пристапот кон решавање на ова прашање мора да биде посериозен од страна на сите чинители во општеството, а ние како ССМ постојано ги следиме мерките и политиките на државата со цел навремено да реагираме и да придонесеме за надминување на состојбата, која никако не е по вина на работниците, а за жал е на нивен грб - потенцираат од сојузот.

Пандемијата влијае врз сите општествени групи и драстично ги менува навиките на сите граѓани.

- Пандемијата што настана како резултат на глобалното ширење на Ковид-19 негативно влијаеше врз општата благосостојба на децата, а најтешко ги погоди најранливите.
Иако децата и младите поретко се заразуваат со вирусот од возрасните и кај нив е помала веројатноста да се разболат во споредба со возрасните, пандемијата на Ковид-19 имаше огромно влијание врз начинот на кој децата учат, врз нивното ментално здравје, начинот на кој семејствата заработуваат приход за да одговорат на своите потреби, како и на тоа колку безбедно се чувствуваат децата дома и во својата заедница - вели Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.

Таа додава дека значително се зголеми ранливоста на децата на експлоатација, злоупотреба, занемарување и насилство, а пријавените случаи на насилство се зголемија за приближно 45 отсто за време на најрестриктивните мерки против ширењето на Ковид-19, при што децата претставуваа речиси 10 отсто од жртвите.

- Се проценува дека дополнителни 16.000 деца во земјата ќе се најдат под прагот на сиромаштија поради намалувањето на приходите во домаќинствата и губењето на работните места како резултат на економската криза предизвикана од Ковид-19. Овие процени се базираат на студијата „Социјалните и економски ефекти на Ковид-19 врз децата во Северна Македонија“, поддржана од УНИЦЕФ, Фајнанс тинк и УСАИД. Загрижува што побарувачката на здравствени услуги поврзани со децата опадна за 33 отсто, а побарувачката на здравствени услуги за мајки и новороденчиња за 25 отсто затоа што посетата на лекар се одлага поради страв од инфекција со вирусот. Овој пад во опфатот со здравствени услуги може да има подолгорочни последици врз здравствената состојба и исхраната на бремените жени, новороденчињата и малите деца - посочува Ди Џовани.

Од УНИЦЕФ потенциираат дека негативните ефекти од кризата може да бидат особено силни врз семејствата со три и повеќе деца, децата Роми и селските домаќинства. Додаваат дека во областа на образованието, Македонија направи огромни напори за децата да продолжат со учење за време на пандемијата.

- Она што со сигурност го знаеме е дека затворањето на училиштата има јасни негативни ефекти врз здравјето, образованието и развојот на децата, семејниот приход и вкупната економија. Освен тоа, преминот на учење на далечина го усложни процесот на учење затоа што многу наставници и домаќинства немаат информатичко-технолошка опрема и знаење како да се служат со неа, а сиромашните домаќинства со повеќе деца немаат услови за учење од дома. Кога училиштата се затворени, постои ризик децата да ги изгубат можностите за учење, системот на поддршка, чувството на безбедност, исхраната, со тоа што најмаргинализираните деца - за кои веројатноста да го напуштат образованието е најголема - ја плаќаат највисоката цена. Затоа, повикуваме училиштата да бидат последни што ќе се затворат, а први што ќе се отворат кога за тоа ќе се создадат безбедни услови. Колку подолго опстојува кризата, толку подлабоки последици ќе има врз образованието, здравјето, исхраната и благосостојбата на децата. Така може да се доведе во опасност иднината на една цела генерација - истакнува Ди Џовани од УНИЦЕФ.

Фото: Архива
Подготвил: Петранка Огнаноска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема