Униформи за сите деца за да нема класни разлики и празници во кои се слави почитта на ученикот кон наставникот се главни одлики на образовниот систем на Тајланд. Ова се впечатоци на една од ретките Македонки во Тајланд, Марина Јакшиќ, која десетина години работи како наставник за деца од 4 до 6 години во училиште во земја со 70 милиони жители
Марина е професор по физичка култура, но не добила шанса да работи според својата професија додека живеела во Скопје. Работела во Дубаи, каде што не се пронашла, па оттаму со своите другарки заминала на одмор во Тајланд не знаејќи дека тоа ќе ѝ биде животна дестинација.
– Доаѓавме три години по ред, во зима доаѓавме за да поработиме и да поуживаме. Одев на островите и работев во бар. По третата година го запознав мојот сопруг, кој е тату-мајстор. Во 2014 година одлучивме да бидеме поблиску до цивилизацијата и се преселивме во неговиот роден град Корат, кој е на три часа оддалеченост од Бангкок. Аплицирав преку агенција за работа во едно село каде што работев 3-4 месеци, додека не сфатив дека пасошот ми истекува, па се вратив назад во Македонија да извадам пасош – ја почна својата приказна Марина.
По обновувањето на пасошот, Марина се вработила во државно училиште во кое работела една и пол година сѐ до заминувањето на породилно отсуство. Не ѝ бил продолжен договорот и ѝ кажале дека не им е потребна. Марина не жали за одлуката на училиштето бидејќи набрзо се вработила во големо приватно училиште во кое работи до денес.
– Се пронајдов како наставник во градинка, или киндергарден тичер како што велат во Тајланд. Работам со деца од четири до шест години како предметен наставник по математика, лајф експириенс (општество) и фонетика. Во принцип наставата почнува од 8 и трае до 15:30 часот. Децата немаат пладневни програми. Сите деца завршуваат околу 15 часот и имаат простор да изберат дали сакаат да имаат дополнителен час, кој родителите дополнително го плаќаат. Тоа е голем плус за нас, наставниците, за дополнителен приход – објаснува Марина.
Разликата во образовниот систем меѓу Македонија и Тајланд е во тоа што државата Тајланд, иако има образование кое не котира високо на светско ниво, се труди да обезбеди сѐ за своите ученици – смета македонската наставничка.
Тајланд во сите државни училишта има специјална програма за бесплатна храна и бесплатно млеко.
– Униформите на децата се многу убави. Нема разлики во класите, сите деца се еднакви, од чорапи до блуза. Нема поделби, единствена разлика може да биде бојата на моливот или големината на гумата за бришење. Ние носиме црни сукни и бели кошули. Тука има респект кон наставниците, а го имаме и празникот Почитувај го наставникот. Јас работам со мали деца кои не знаат како да одат во тоалет, не знаат како да пишуваат. Кога ќе ги видам пораснати, во второ и трето одделение, многу сум горда. Децата секое утро ми се радуваат, ме гушкаат, среќни се. Учиме да боиме, да цртаме.
Родителите ни се поклонуваат и понекогаш како гест за да покажат благодарност, ни носат мали подароци, овошје, храна, слатко… Во едно село открив дека Тајланѓаните не знаат да лажат. Имав еден час со деца и тие напишале нешто лошо за мене на ливче. Сите се смееја, ми кажаа што е, а напишаа на ливчето и име и презиме и клас. Потоа родителот на едно од децата ми се поклонуваше до земја, ми се извинуваше и побара да го казниме детето, но јас не му дозволив – рече Марина.
Сѐ уште не го совладала добро јазикот, но сега може да се опушти да зборува на работа и со соседите. Марина вели дека тајландскиот јазик е гласовен јазик кој треба внимателно да се слуша затоа што еден збор има неколку значења во зависност од акцентот. Дома со сопругот комуницираат на англиски, но тоа не ги спречило да создадат семејство кое ги спојува македонските и тајландските обичаи и традиции.
– Ова е земја на насмевките. Се заљубив во Тајланд на прв поглед. Климата е добра, тука не се бара премногу, никој не гледа како си облечен, луѓето не му фаќаат сеир никому, секој си го тера животот и никој не осудува никого. Тие се будисти, веруваат во Буда и религиозни се, но не се оптоварени со другите. Заедно славиме Божиќ и Велигден, правам лепче и вапсувам јајца кои им ги делам на соседите. Ги празнуваме и нивните празници. Носиме спомени од Македонија, слики и орнаменти за да ме потсетуваат на татковината – додаде Марина Јакшиќ.
Фото: Приватна архива