X
 14.10.2021 Живот

Македонски телеком одбележува 25 години мобилна телефонија во Македонија

Од првото „ало“ до најновите генерации технологии

Кога на 14 октомври 1996 година во Македонија беше воведена 2Г-технологијата и првата мобилна мрежа во земјата, таа имаше капацитет да опслужи 25.000 корисници и обезбедуваше само говорни услуги. Денес, кога целиот свет се подготвува за имплементирање на последната генерација на мобилната технологија 5Г, првиот мобилен оператор во земјата, Македонски телеком, е подготвен за предизвикот.

Првите мобилни телефони

Во 1996 година мобилните телефони почнаа масовно да се употребуваат и направија вистинска револуција во комуникацијата и поврзаноста. Со поставувањето 16 базни станици кои имаа капацитет за 25.000 корисници, тогашниот мобилен оператор МобиМак првпат им овозможи на македонските корисници да направат повик во движење и да комуницираат преку сопствен уред додека се надвор од домот и канцеларијата.
Со текот на времето мрежниот сигнал стануваше сѐ пораспространет и подостапен, а телефоните сѐ помали и побрзи. Вртоглаво брзата еволуција на мобилната мрежа го најави своето доаѓање – откако беше промовиран 2Г-стандардот, повеќе ништо не беше исто.
Непосредно пред новиот милениум, бројот на базни станици на територијата на Македонија се зголеми, а капацитетот за обезбедување услуга на корисниците се прошири до 70.000. Брзиот развој на мрежата на тогашен МобиМак веќе следната година овозможи услуга за 170.000 корисници и покриеност на 80% од територијата на земјата. Истата година беше промовирана и GPRS-технологијата, која на корисниците во Македонија првпат им обезбеди податочни услуги со брзина до 48 Kbit/s.


Ширење на мобилната мрежа

Со преминот кон 2000-те, стана кристално јасно дека мобилните технологии ќе ја обележат нашата иднина. За петтиот роденден, првиот македонски оператор повторно ја зајакна мрежната инфраструктура, покри 90% од населението и можеше да опслужи 270.000 корисници. Во меѓувреме, компанијата стана дел од Групацијата Дојче телеком, се ребрендира во T-Mobile Македонија и стана првиот оператор кој ја претстави EDGE технологијата со која овозможи побрзи податочни услуги.
Следната голема револуција во однос на мобилната мрежа се случи во 2009 година, кога T-Mobile Македонија првпат го имплементира новиот мрежен стандард 3Г. Брзината почна да се мери во Mbit/s, прикачувањето и преземањето видеа беше олеснето, а социјалните мрежи само што го започнаа својот подем. Стануваше очигледно дека корисниците реагираат позитивно на новите технологии, интересот за нив се зголеми и се отвори потенцијал за развој на мобилната мрежа којшто покажуваше нова перспектива за она што допрва ќе се случува.

Пионери во новата ера на технологии

Со претставувањето на стандардот 4Г (LTE) навистина почувствувавме како е кога „ја живееме иднината“. Почнувајќи од октомври 2013 година, корисниците на Македонски телеком можеа да користат мобилен интернет со брзини до 150 Mbit/s и услуги базирани на оваа нова технологија. Конечно, мобилната мрежа доби функционалности кои овозможија смартфоните да станат неизоставен дел од нашето секојдневие, алатка за работа, комуникација и забава. Само две години подоцна се случи и надградбата на 4Г+ и се овозможија уште поголеми брзини кои во 2015 година двојно се зголемија. До денес, 4Г-технологијата е најшироко распространетиот мрежен стандард. Таа овозможува низа функционалности кои пред само 10-15 години не можевме ниту да ги замислиме.

Подготовки за новата 5Г-технологија

Но светот оди напред, а технологиите за мобилни комуникации постојано се развиваат со многу брзо темпо. Во 2018 година Телеком беше првиот оператор што го изведе првото 5Г-демо во Македонија и измери брзини над четири пати поголеми од брзините на 4Г-мрежата. Веќе наредната година Македонски телеком ја постави првата тестна 5Г-мрежа во Скопје и Охрид, со што се овозможи тестирање на оваа технологија во реални услови и притоа беа измерени гигабитски брзини на пренос.
Годинава, мрежата на Телеком се модернизира на целата територија, со што се создаваат реални услови за воведување на најновите технологии во мобилните комуникации – 5Г-генерацијата, која ќе се имплементира кога ќе има предуслови за тоа.
Цели 25 години по поставувањето на првата мобилна мрежа во земјата не можеме, а да не се запрашаме колку мобилната технологија го смени начинот на комуницирање и колку со новата 5Г-технологија, која е на повидок, ќе се смени целото наше општество и начинот на кој живееме.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот