Бруто-домашниот производ (БДП) на Германија опадна за 0,2 отсто во третата четвртина од годинава. Ова е првпат германската економија да бележи пад на квартално ниво во повеќе од три години.
Податоците ги објави Сојузната статистичка служба на Германија во Визбаден. Опаѓањето е малку поголемо од очекувањата на економистите кои учествувале во анкета на Ројтерс, а кои предвидоа пад од 0,1 отсто.
Во втората четвртина бруто-домашниот производ на најголемата економија во Европа забележа раст од 0,5 отсто.
-Ова е првото опаѓање, споредено со претходната четвртина, кое е забележано по првото тримесечје од 2015 година - истакнаа од статистичката служба.
Минатата недела германскиот Совет на економски експерти ги снижи предвидувањата за раст за 2018 година на 1,6 отсто, наместо оние 2,3 отсто, колку што беше предвидено во март.
Како и да е, економистите веруваат дека овие резултати се само мало слизнување и не се загрижени за општото „здравје“ на германската економија.
-Германската економија повторно ќе добие сила во четвртата четвртина - вели Андреас Реес, економист.
Падот се
припишува на проблемите во автомобилската индустрија и на слабостите во секторот на малопродажбата.