Колку треба да ви плати некој за да престанете да користите „Фејсбук“ еден месец? Тоа е прашањето што Ерик Бринјолфсон и неговите колеги им го поставиле на речиси 40.000 корисници на „Фејсбук“ од 13 земји. Се покажа дека помалку од една петтина од анкетираните би се откажале од социјалните мрежи за пет долари, додека повеќе од три четвртини ќе се воздржат од „Фејсбук“ за надомест од 100 долари.
Наодите беа дел од експеримент дизајниран да се дознае вредноста на дигиталните добра, мноштвото виртуелни производи кои станаа составен дел од секојдневниот живот, од платформи за видео до апликации за пораки и веб-страници за е-трговија.
И покрај придобивките што им ги носат на потрошувачите, повеќето дигитални производи се бесплатни. Ова значи дека тие во голема мера се игнорираат во пресметките на бруто-домашниот производ (БДП), кој, со неколку исклучоци, се заснова на цената што луѓето ја плаќаат за стоки и услуги. Бринјолфсон е меѓу оние што велат дека ни треба нов метод на сметање на БДП кој ќе ги вклучи и дигиталните стоки.
Експериментот ја процени вредноста на „Фејсбук“ и девет други дигитални услуги и платформи, Х, „Инстаграм“, „Вацап“, „Снепчет“, „Тик-ток“, „Гугл“, „Гугл мапс“, „Јутјуб“ и „Амазон шопинг“. Истражувачите ја рангираа релативната корист што ја добиваат луѓето од овие платформи врз основа на тоа колку се подготвени да не ги користат еден месец. Луѓето најмалку се подготвени да се откажат од пребарувачот „Гугл“, а потоа „Јутјуб“ и „Гугл мапс“. Х и „Снепчет“ се најмалку преферирани платформи, а „Фејсбук“ е некаде на средината.
Истражувачите потоа ја пресметале вредноста на услугите со податоците од анкетата за парите кои корисниците би ги прифатиле за да се откажат од некоја платформа.
Нерегистрирани милијарди долари
Студијата заклучи дека само овие 10 дигитални услуги генерираат повеќе од 2,5 билиони долари годишно, што е еквивалентно на околу 6 отсто од вкупниот БДП на 13 земји вклучени во студијата: Белгија, Франција, Ирска, Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Мексико, Норвешка, Германија, Романија, САД, Шпанија и Велика Британија.
Истражувањето, исто така, покажа дека земјите со помал БДП, како што се Мексико и Романија, како и луѓето со пониски приходи во секоја земја, извлекуваат пропорционално поголема вредност од дигиталните услуги отколку нивните побогати сограѓани.
Нов начин на мерење на БДП
Ова истражување треба да помогне да се воспостави комплементарна метрика на БДП наречена БДП-Б која мери колку стоките придонесуваат за благосостојбата на луѓето, а не колку чинат.
- Наместо само да се мери колку трошите на работи, ова ја мери користа што ја добивате од нив, што ќе биде поинтересен и порелевантен концепт за многу цели - вели Бринјолфсон.
Извор: Bug
Насловна фотографија: Unsplash