X
 14.11.2018 Технологија

Израелска авиокомпанија го најави првиот електричен комерцијален авион

Израелската компанија „Ивиејшн еркрафт“ планира до 2020 година на пазарот да го извади првиот електричен комерцијален авион. Тој подвиг нема да биде евтин, а за реализацијата на Израелците ќе им бидат потребни 200 милиони долари.

- Имаме убедлива деловна стратегија. Трошокот за еден лет со нашиот авион би бил околу 200 долари, за разлика од 1.000 долари колку што е трошокот на авионот на млазен погон - објасни Омер Бар-Јохај, извршен директор на авиокомпанијата, признавајќи дека им се потребни инвестиции.

Засега тие „преживуваат“ со вложувања од мали инвеститори и финансиска поддршка од израелската влада.

„Ивиејшн“ би ги продавала авионите за 3 милиони долари, а како што вели Бар-Јохај, веќе имаат договор со потенцијални оператори. Тие дизајнирале неколку електрични модели, а изградиле само еден прототип.

Станува збор за леталото именувано „алис“, кое собира девет патници и со едно полнење на батеријата поминува нешто повеќе од илјада километри. Дури 65 отсто од масата на авионот се литиум-јонски батерии. Најголемата брзина што ја достигнува е 440 километри на час, а тоа е дупло помалку од класичен авион. Оддалеченост од 150 километри „алис“ би ја поминал за дваесетина минути.

Пазарот за електрични авиони пораснал за 30 отсто во споредба со лани, а моментално има стотици различни проекти во светот кои работат на развој на електрични летала, пишува „Блумберг“. На пример, „Зунум Аеро“, компанијата зад која стојат „Боинг“ и „Џетблу ервејс“, сака до 2022 година да развие хибриден патнички модел на авион.

Калифорниската компанија „Џоби евиејшн“ се обидува да извади електрични такси-авиони на пазарот - помали модели кои би превезувале до четворица патници. Истото го најавија и од „Убер“, од каде што планираат да извадат таков модел до 2023 година. Според нив, авионот на „Убер“ би слетувал и полетувал вертикално. Во бизнисот се вклучија и компаниите „Сименс“, „Ербас“ и „Ролс-Ројс“, работејќи на хибридно-електричен погонски систем.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија