X
 10.03.2020 Живот

Не патувајте, не дружете се, останете дома - ова се правилата што од денеска важат во цела Италија

На Италијанците вчера им беше кажано да ги избегнуваат сите патувања што не се неопходни откако мерките за карантин беа проширени за целата земја во обид да се запре ширењето на коронавирусот.

Ова се главните поенти на владиниот декрет потпишан во понеделникот вечерта, со кој рестрикциите ќе бидат во сила до 3 април.

Не патувајте

Од денес движењето на 60 милиони Италијанци е строго ограничено. Дозволено е да се патува само за итни и потврдливи работи, итни случаи или поради здравствени причини.

Луѓето што сакаат да патуваат ќе треба да пополнат документ во кој ќе треба да ги објаснат причините за патувањето и да го носат документот со себе. Оние што ќе излажат се соочуваат со казна затвор до три месеци или парична казна од 206 евра.

Луѓето што се заразени со коронавирусот не смеат да излезат од дома во никој случај, додека на сите со треска или респираторни симптоми им се препорачува да останат дома и да ги ограничат контактите, вклучително и со нивните лекари.

За да се избегнат деловни патувања, на јавните и приватните компании им беше порачано да го ослободат персоналот.

Откажани собири

Со декретот се забранува секаков вид собири на јавни места или места отворени за јавноста.

Спортските настани од сите нивоа и дисциплини се откажани, па и фудбалските натпревари од Серија А. Професионални тренинзи за врвни национални спортски настани и натпревари организирани од меѓународни тела, како што се Олимписките игри, може да продолжат без публика. Сите спортисти, тренери и менаџери ќе одат на прегледи.

Базените, спа-центрите, спортските сали и велнес-центрите не смеат да работат, а ски-ресортите во земјата се затворени.

Затворени собиралиштата

Според одредени медиуми, баровите и рестораните може да работат само во периодот меѓу 6 и 18 часот и само ако е можно меѓу луѓето да има дистанца од најмалку еден метар. Но, други медиуми пренесуваат дека и тоа сега е променето.

Сите музеи и културни собиралишта се затворени, како и ноќните клубови, кината, театрите и казината, кои се затворени од викендот.

Додека супермаркетите ќе останат отворени, големите шопинг-центри и стоковни куќи мора да бидат затворени за викенд.

Затворени училишта

Училиштата и универзитетите се затворени и сите испити се откажани.

Верските институции ќе останат отворени сè додека луѓето може да стојат на еден метар оддалеченост еден од друг, но церемониите како венчавки, крштавки и погреби се забранети.

Фото: gisanddata (printscreen)

Повеќе од 9.000 заразени

Бројот на Италијанци заразени со коронавирус вчера се искачи на над 9.100, а се зголеми и бројот на починати - на 463 - повеќето постари и луѓе со претходни здравствени проблеми. Од коронавирусот закрепнале 724 Италијанци.

Властите најпрвин изолираа делови од земјата, пред постепено да ги прошират таканаречените црвени зони.

Жителите во италијанската престолнина, Рим, вчеравечер направија долги редици пред супермаркетите обидувајќи се да си направат резерви со храна по најавувањето на изолацијата.

Затворениците во повеќе затвори во Италија се побунија против рестрикциите за посетите од членови на фамилијата, а шестмина починаа откако упаднаа во амбуланта и се предозираа со метадон.

Извори: Guardian, Al Jazeera, Time
Насловна фотографија: МИА
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот