X
 14.11.2018 Живот

Над 7.000 Британци сѐ уште гледаат на црно-бел телевизор

Во повеќе од 7.000 домаќинства во Велика Британија сè уште се гледа телевизија на црно-бели телевизори.

Оваа статистика малку зачудува, имајќи предвид дека помина половина век откако редовно почна да се прикажува програма во боја.

Втората програма на Би-би-си беше првиот канал кој во 1967 година редовно почна да емитува програма во боја, а тоа се случи за време на турнирот во тенис „Вимблдон“ таа година.

На почетокот од овој век во Британија биле регистрирани околу 212.000 црно-бели телевизори, што може да се заклучи од плаќањето на радио-телевизиската претплата. Во 2018 година бројот се намали на 7.161, а најголем број од нив се во Лондон (1.768).

Инаку, претплатата за црно-белите телевизори е поевтина од редовната, па за црно-бел телевизор е 50,50 фунти годишно, додека редовната е 150,50 фунти.

Но, не се вршат проверки дали некој навистина има црно-бел телевизор, туку се верува на зборот на корисниците.

Одамна е невозможно да се купи црно-бел телевизор, но носталгичарите сè уште тргуваат со нив, главно преку интернет.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот