X
 14.11.2020 Наука

Специјална почва ги наводнува растенијата со извлекување на влагата од воздухот

Нов вид почва може да ја извлекува водата од воздухот и со неа да ги наводнува растенијата, известуваат група истражувачи. Оваа почва, способна за самонаводнување, може да го смени земјоделството низ светот со тоа што ќе го намали количеството вода што се користи за производство.

Истражувачите создале систем за наводнување со гелови кои ја апсорбираат влагата од воздухот. Кога почвата ќе се загрее на одредена температура, геловите ја испуштаат водата и со неа се наводнуваат растенијата. Кога почвата ја испушта водата, дел од неа се враќа во воздухот и ја зголемува влагата, а со тоа го олеснува целиот циклус.

Геловите во почвата ја извлекуваат водата од воздухот во постудени и повлажни периоди во текот на ноќта, а сончевата топлина во текот на денот ги активира да ја испуштат водата во почвата.


Фото: Pixabay

Џуихуа Ју, професор на Универзитетот на Тексас во Остин, објаснува дека секој грам од оваа почва може да извлече приближно 3-4 грама вода. Во зависност од земјоделската култура, околу 0,1 до 1 килограм од почвата може да обезбедат доволно вода за наводнување еден квадратен метар земјиште.

Според Феи Џао, истражувач, речиси секоја почва е доволно добра за одгледување растенија, но ограничениот пристап до вода игра најголема улога, а оваа почва може да го реши тој проблем.

Автор: Нет Леви
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука