X
 27.05.2017 Здравје

Влага и мувла во новата детска болница во Козле

Влага и мувла се појавиле во новата болница на Институтот за белодробни заболувања кај децата - Козле во Скопје. Новата болница беше отворена за пациенти пред година и пол. Влага има и во некои од собите во кои престoјуваат болните дечиња. Раководството на оваа болница вели дека работат на санирање на овој проблем. Родители кои до неодамна престојувале во болницата ни испратија фотографии на кои се гледаат влагата и мувлата.



Линк до сите фотографии

Се плашев како влагата ќе влијае на здравјето

- Мојата ќерка беше излекувана во оваа установа и јас како родител не можам да не бидам среќна и задоволна поради тоа. Меѓутоа сакам да споделам што се случуваше и каква е состојбата во болницата, за да може да се подобри – вели мајка која со детето престојувала во болницата.

Таа потенцира дека е задоволна од односот и ангажманот на медицинските сестри.

- Медицинските сестри се љубезни и се гледа дека сакаат да помогнат. Задоволна сум и поради тоа што терапијата беше точно определена и помогна. Но, искрено не сум задоволна од односот на некои лекари. Не објаснуваат детално и знаат да се арогантни. Исто така, додека лежевме во болница бев под стрес поради влагата, да не влијае негативно на здравјето на ќеркичката. Можеби е нова, ама има влага и мувла во неа, а таму се лекуваат деца токму со проблеми на органите за дишење – вели нашата соговорничка.

На фотографиите кои ни ги пратија пациенти се гледа дека има влага во повеќе простории во болницата, и во соби за престој, како и во заеднички и работни простории.

„Ја санираме влагата“

- Точно е дека се појави влага на одредени места и во неколку соби и мувла околу неа, но ве уверувам дека тоа не е опасно за здравјето на нашите мали пациенти. Воопшто не се чувствува. Ние работиме на откривање на причината за влагата и таа ќе се санира. Нашата техничка служба е целосно ангажирана околу тоа и е посветена на брзо отстранување на влагата. Има начини да се санира, има средства, и ќе го направиме тоа – вели д-р Оливер Зафировски, директор на болницата.

Тој вели и дека ги преместуваат дечињата од соби во кои се појавила влага.

- Во такви соби нема да спијат дечињата – потенцира д-р Зафировски.

Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје