X
 04.05.2018 Технологија

Создадена батерија на вода - петпати поевтина од другите


Научниците со години работат на создавање батерија која би имала голем капацитет, долг животен век, брзо би се полнела, а бавно би се празнела. И, се разбира, да биде што помала.


Еколошка батерија што се темели на вода
(Фото: Thinkstock)


Група кинески научници од „Станфорд“ објавија дека развиле батерија која еколошки би била најприфатлива затоа што се темели на вода, а воедно може да акумулира енергија која се произведува од обновливи извори како ветер и сонце. Исто така, ваквата батерија би била и исклучително евтина за производство.

Тие во својот научен труд објавија дека направиле прототип на батерија со големина од 8 сантиметри која може да произведе 20 миливат-часови енергија.

Иако тоа не е доволно ниту за напојување рачен часовник, научниците се уверени дека е можно да се направи батерија која би ги задоволувала секојдневните потреби и која би можела да издржи до 10 илјади циклуси на полнење.

„Додадовме посебна сол во водата, ставивме електрода и создадовме хемиска реакција која ги задржува електроните во форма на хидрогенски гас“, објасни Ји Цуи, професор на „Станфорд“.

Според неговите пресметки, трошокот за складирање електрична енергија за напојување на електрична светилка со јачина од 100 вати за 12 часа би изнесувал неколку евроценти.

Во споредба со другите технологии за полнење батерии што постојат на пазарот, ваквите батерии би биле петпати поевтини.

Но за да можеме воопшто да разговараме за еколошки прифатливи батерии, Цуи и неговиот тим мора да докажат дека е можно да се направи ваква батерија со поголем капацитет.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија