X
 14.11.2023 Здравје

Што е синдром на компјутерски вид и како да се изборите со него?

Синдромот на компјутерски вид се јавува како резултат на премногу време поминато пред компјутер или пред кој било екран. Симптомите се јавуваат затоа што очите и мозокот различно реагираат на зборовите на екранот отколку на печатениот текст. Визуелните симптоми поврзани со употребата на екранот може да бидат предизвикани од нарушувања на видот, лоши услови на работното место и индивидуални работни навики.

Напрегање на очите

Напрегање на очите, или астенопија, може да биде предизвикано од различни околински услови. Кога постојано се фокусирате на нешто што е блиску до вас, како што е работата на компјутер или читање книга, внатрешните очни мускули треба да работат напорно за да ги спојат двете очи (движејќи ги двете очи навнатре) и да се фокусираат на нешто во близина.

Оваа конвергенција и фокусирање што се бара од мускулите може да предизвика замор, црвенило на очите, болка во очите, замаглен вид, главоболка и двоен вид.

Едноставно решение за овие проблеми е да се одморите. Одморете ги очите следејќи го правилото 20/20/20. За секои 20 минути гледање во екран или читање, одвојте 20 секунди за да погледнете најмалку 6 метри во далечина.

Заматен вид

Заматен вид е губење на визуелната острина и неможност да се видат мали детали. Понекогаш се поврзува со неможноста на очите да се фокусираат стабилно на екранот на компјутерот долго време. Видот може да се замати и со постојано менување на фокусот, на пример, при гледање напред-назад помеѓу тастатурата и екранот на компјутерот.

Меѓутоа, ако се приближувате до 40-тата година, заматениот вид може да биде предизвикан од пресбиопија, губење на способноста на окото да го менува фокусот за да ги види блиските објекти (често поврзано со стареењето). Заматен вид може да биде предизвикан и од суво око. Решението за овој проблем би можело да биде употребата на компјутерски очила.

Суви очи

Сувите очи се резултат на недостиг на влага во очите. Трепкањето произведува солзи кои го навлажнуваат окото. Трепкањето е еден од најбрзите рефлекси на телото. Меѓутоа, луѓето имаат тенденција да трепкаат околу половина од вообичаеното кога работат на компјутер.

Главоболки

Не е невозможно да добиете главоболка по долго зјапање во екранот на компјутерот. Светлината и контрастот на мониторот може да предизвикаат индиректен сјај што е тежок за очите. Директниот отсјај - светлината што сјае директно во очите, како што се светлата одозгора и светлината од прозорците - исто така може да предизвика замор на очите и главоболки.

Поради сето ова, треба да внимаваме осветленоста и контрастот на нашиот компјутерски монитор да бидат на удобно ниво на гледање.

Двоен вид

Двоен вид или диплопија е перцепција на две слики од еден објект. Оваа состојба може да биде предизвикана и од предолго гледање на екранот на компјутерот. Но, ако двојниот вид продолжи, тоа може да укажува на сериозен невролошки проблем што треба да го потврди очен лекар.

Иако компјутерските очила можат да го ублажат овој проблем, двојното гледање може да биде знак за сериозен проблем со видот, невролошки или поинаков проблем, а за да бидете сигурни, треба да посетите очен лекар.

Болка во грбот и во вратот

Со оглед на тоа што очите го водат телото, додека сме на компјутер, можеме да седиме во непријатни позиции за донекаде да ги поправиме проблемите со видот кога ќе се појават. Ова може да доведе до болки во вратот и во грбот. Дополнително, ако носите очила со бифокални леќи додека сте на компјутер, може несвесно да ја навалите главата на различни начини за јасно да го видите екранот, што доведува до физичка болка.

Затоа е многу важно правилното држење на телото. Во секое време треба да бидеме свесни за држењето на телото додека сме пред компјутер. Проблемите со држењето често се ублажуваат со носење соодветни очила.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје