Многу цицачи можат да забременат неколку пати во текот на зрелоста, а голем дел прават пауза по секое породување. Здравата пауза обично трае онолку колку што мајката ги дои своите младенчиња. За некои цицачи е нормално да имаат само едно младенче во текот на животот, додека кај други тоа не е случај.
Но, истражувањата направени врз еден вид торбари наречени „Vallabia bicolor“, кои живеат во Источна Австралија, покажуваат дека повеќето возрасни женки секогаш се трудни.
Како и сите торбари, и „Vallabia biclor“ раѓаат ситни младенчиња кои можат независно да го поминат патот од породилниот канал до торбата, каде што се развиваат и се хранат со мајчино млеко. Некои торбари, како кенгурите, можат да се парат и да зачнат еден ден по породувањето, но не и пред тоа, вели Брендон Мензис, коавтор на истражувањето и истражувач од Универзитетот во Мелбурн.
Овие торбари и европскиот кафеав зајак се единствените животни што можат да забременат додека се бремени. Но, зајаците имаат различни сезони на парење и не се континуирано трудни поголемиот дел од животниот век или целиот животен век, како што се женките од видот „Vallabia biclor“.
Истражувањето е важно бидејќи сфаќањето на биологијата на репродукцијата кај кој било вид може да даде вредни податоци за човечката репродукција, вели Дејвид Гарднер од истиот универзитет, кој не бил дел од истражувањето.
Фото: Pixabay
Како се случува тоа?
Зачнувањето обично е невозможно додека женката цицач е бремена.
- Постојат многу причини зошто не треба да се зачне во текот на активната бременост - вели Мензис. Дел од тие причини се анатомски. Повеќето животни имаат една матка; ако ембрионот е во матката и се развива, нема место за уште еден. Но, овие торбари имаат две матки, а секоја има свој јајчник и грло на матката.
Другата причина е поврзана со ендокриниот систем. Хормоните што влијаат врз плодот во развој се разликуваат од оние што овозможуваат оплодената јајце-клетка да се оплоди по парењето. Ова е причината зошто многу форми на итна контрацепција кај луѓето содржат прогестерон, хормон што обично поддржува активна бременост, но и спречува овулација. Мензис вели дека сè уште не знаат како точно се одвива зачнувањето кај овие животни.
Циклусот почнува кога женката се пари, во јануари или февруари. Веќе бремена од претходната година, таа се пораѓа еден или два дена подоцна, а нејзиното бебе се спушта во торбата за доење. Новооплодениот ембрион останува во матката во фаза што се нарекува „ембрионална дијапауза“.
Во меѓувреме, првото бебе продолжува да расте. Околу септември ова бебе е подготвено да ја напушти торбата, вели Мензис.
Првото бебе постепено почнува да цица. Околу декември се одвојува, што иницира раст на вториот ембрион и еден месец подоцна тоа се раѓа. Во тоа време женката повторно се пари.
Истражувачите дошле до заклучок вршејќи ултразвучни прегледи на 10 животни од овој вид. Тие ги сликале женките во разни периоди во текот на годината и забележале кога се парат. Забележале присуство на заспан бластоцист кај 9 од 10 женки по парењето, додека другото бебе веќе се развива во мајчината торба.
Гарднер, кој проучува ин витро оплодување, вели дека подоброто разбирање на ембрионалната дијапауза би можело да биде од непроценливо значење.
- Ако можеме да го решиме овој сложен процес, можеби нема да мораме криогено да ги чуваме ембрионите, туку да ги држиме во стагнација во лабораторијата - вели тој.