X
 14.12.2018 Технологија

Зошто најпребаруваниот збор на „Гугл“ во моментов е „идиот“?

Зборот „идиот“ на „Гугл“ е пребаруван над милион пати, а резултатите главно вклучуваат слика од претседателот Трамп. За што точно станува збор?

Поврзаноста помеѓу зборот „идиот“ и претседателот на САД беше една од тематиките за кои разговараа републиканските конгресмени при испитувањето на извршниот директор на „Гугл“, Сундар Пичаи. Пичаи бил запрашан дали е ова пример за политичка наклонетост во алгоритмите, на што тој одговори одречно.

gugl
Фото: Getty Images


Според резултатите на „Гугл Трендс“, „идиот“ моментално е најбараниот термин во САД, што ја поттикна републиканската претставничка на конгресот, Зои Лофгрен, да праша зошто зборот „идиот“ е поврзан со слики од претседателот.

- Како можеше да се случи тоа? Како функционира пребарувањето ако се случуваат вакви работи? - запраша таа.

Пичаи ѝ одговори дека резултатите на „Гугл“ се темелат на милијарди клучни зборови што се категоризираат во 200 фактори. Директорот на „Гугл“ изјави дека истото нешто се случува кога ќе започнете да го пребарувате терминот „Гугл“.

Уште една причина поради која Трамп се поврзува со зборот „идиот“ е популарноста на терминот „американски идиот“, што англиските демонстранти го турнаа меѓу најпребаруваните термини, а во тоа помогна и социјалната мрежа „Редит“, на која голем број корисници објавиле слика од Трамп заедно со зборот „идиот“.

Како што стојат работите, ова не е прв случај кога американски претседател се поврзува со навредлив термин за пребарување. Во 2003 година претседателот Џорџ В. Буш исто така се појавувал меѓу првите резултати кога ќе го напишеле терминот „miserable failure“ (мизерен неуспех).

Сослушувањето повторно покажа дека голем број од конгресивните претставници немаат многу знаење за технолошки теми, ниту за технологијата воопшто. Републиканецот Стив Кинг побара од Пичаи да му објасни зошто ајфонот на неговата внука се однесува „чудно“, на што Пичаи објасни дека телефонот не е произведен од „Гугл“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија