„Гугл мапс“ претстави нови алатки што треба да им помогнат на корисниците да бидат побезбедни за време на пандемијата на коронавирусот.
Според последните податоци, над 11 милиони луѓе досега се заразиле со коронавирусот, а 500.000 починале од болеста што ја предизвикува. Земјите применуваат разни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, а поради тоа, и начинот на кој патуваме веќе не е ист како пред пандемијата. За да им помогне на патниците, „Гугл мапс“ собира податоци од локални и национални агенции и влади и ги известува корисниците за најновите информации.
Фото: Pixabay
Отсега корисниците на апликацијата за мапи може да очекуваат да добиваат
известување за време на возењето за локации за тестирање за Ковид-19 кога поминуваат граници, а ќе добиваат и информации за последните мерки против коронавирусот на државите. Овие опции моментално се достапни само во Канада, Мексико и во САД.
Дополнително, апликацијата ќе известува за достапноста на центрите за тестирање за да се одбегнат метежи. Ваквите известувања ќе им се испраќаат на корисниците во Индонезија, Израел, Филипини, Јужна Кореја и САД.
Фото: Pixabay
Кога корисниците ќе користат „Гугл мапс“ во јавен превоз, во делови во кои има посебни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, ќе добиваат известувања за мерките и барањата, како задолжителни маски и слично. Овие опции се достапни во Аргентина, Австралија, Белгија, Бразил, Колумбија, Франција, Индија, Мексико, Холандија, Шпанија, Тајланд, Велика Британија и во САД.
Од 2019 г. корисниците на апликацијата може да придонесат во предвидувањето на метежот на јавниот превоз со известување за состојбата во моментот. Сега ова ќе биде полесно со помош на најновата верзија на апликацијата, а со тоа ќе им се помогне на корисниците да одбегнуваат јавен превоз во метеж.
Автор: Алаа Еласар
Извор:
Си-ен-ен