Минатата година, американскиот претседател Доналд Трамп на „Твитер“ објави фотомонтажа од неговиот хотел на Гренланд, ветувајќи дека нема да изникне негова зграда на островот.
- Ветувам дека нема да му го направам ова на Гренланд - напиша Трамп, со фотомонтажа на која се појавува златен облакодер, среде населба со куќи.
Но дека Вашингтон сериозно размислуваше за Гренланд, потврди и Лари Кудлоу, економски советник во Белата куќа, кој тогаш изјави дека Трамп размислува за купување на Гренланд, иако островот, кој е во состав на кралството на Данска, порача дека не е за продажба.
Кудлоу рече дека Гренланд, кој се наоѓа помеѓу Атлантскиот и Северниот Леден Океан, е стратешко место со многу вредни минерали.
Како воопшто Трамп дошол до идејата за купување на Гренланд?
Се чини дека сè почнало на приватна вечера која била организирана во семејството на Трамп, кога некој од гостите споменал дека данската влада има проблеми во годишната исплата од 420 милиони евра субвенции за Гренланд. Според информациите од Би-би-си, Трамп помислил дека тоа би можело да биде добра работа, слична на онаа кога Американците од Русите ја купиле Алјаска за 7 милиони долари, па одлучил идејата да ја каже јавно. Впрочем, Американците и Данците веќе имале слично купување и продавање - во 1917 година САД за 25.000.000 долари ги купиле Данските Западноиндиски Острови, денес познати како Девствени Острови.
Од Данска за брзо време стигна одбивање. Премиерката Мете Фредриксен, која била и во официјална посета на Гренланд, тогаш изјави дека Гренланд не е на продажба и додаде дека Гренланд не е дански, туку Гренланд му припаѓа на Гренланд.
Тука никој не ги праша Гренлаѓаните, кои речиси и да немаат врска со Данска, а камоли со Америка. Гренланд е остров кој во 1953 година станал рамноправен дел од Данска. Девет десеттини од 56.000 жители се Инуити, а официјалниот јазик е гренландски инуит, кој го зборуваат повеќето жители, а се зборува и дански, кој бил втор официјален јазик до 2009 година.
Фото: Freepik
Околу 95 отсто од жителите живеат на југозападниот брег, каде што се наоѓаат најголемите градски центри. Гренланд во 875 година бил откриен од викингот Гунбјорн Улфсон, а во 982 година островот го истражувал Ерик Ред, кој го именувал Гренланд и ја основал првата населба во 986 година. Во 1261 година Гренланд бил управуван од Норвешка, а во 1397 година се приклучил во унија со Данска и Шведска. За време на одвојувањето од Данска и Норвешка, островот им припаднал на Данците. Во текот на 1931 и 1932 година Норвешка окупирала делови од источен Гренланд, но морала да ги евакуира своите трупи во 1935 година по пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, во 1933 година.
Во текот на Втората светска војна, по капитулацијата на Данска, островот бил окупиран од армијата на САД за да се спречи евентуална германска инвазија. Во 1951 година бил постигнат данско-американски договор за заедничка одбрана на Гренланд во рамките на НАТО. Иако биле сојузници, Данците не знаеле дека САД во текот на 60-тите години тајно се обидувале да изградат синџир на нуклеарни рампи за лансирање. Проектот бил откажан поради непогодните временски услови.
Во 1946 година американскиот претседател Хари Труман понудил 100 милиони долари во злато за купување на Гренланд. Понудата му била одбиена, но Америка постигнала договор за правото да ја контролира тамошната воздушна база. САД сакале да го купат Гренланд поради можен воен судир со Советскиот Сојуз, а арктичкиот остров беше еден вид природна граница што ги дели двете суперсили.
Но, кога во 1946 година се одржал состанок меѓу Америка и Данска на оваа тема, данскиот министер за надворешни работи, Густав Расмусен, бил шокиран од предлогот и одбил да го продаде Гренланд.
Автономија
Гренланд станал интегрален дел на Данска во 1953 година, а на 1 мај 1979 година почнал со самоуправување. Сепак, во средината на 80-тите години на минатиот век Гренланд излегол од eксклузивната економска зона на ЕУ поради правилата за риболов, на кои тамошните жители воопшто не се согласувале. На референдумот во 2008 година граѓаните барале малку поголема автономија од Данска, што било исполнето една година подоцна. Денес, Копенхаген управува со надворешните работи и одбраната, а на Гренланд му стигнува и споменатата финансиска помош.
Гренланд се потпира на годишна стипендија од Копенхаген во износ од 526 милиони долари, но последните децении животот таму се промени. Децата некогаш биле предодредени да бидат ловци, рибари или одгледувачи на ирваси, но сега тоа е реткост. Во 2010 година во територијалните води се најдени резерви на нафта, но поради високите трошоци, производството сè уште не почнало, така што жителите биле прилично сиромашни. Освен тоа, глобалното затоплување предизвикува поголеми проблеми.
Гренланд е познат по своите глечери, но последните месеци островот се топи со невидена брзина, а избувнаа и пожари.
Постојат многу причини поради кои Данците не сакаат да се откажат од Гренланд. Во 2014 година Данска поднесе барање до ОН тврдејќи дека регионот околу Северниот Пол е поврзан со континенталниот дел на Гренланд и затоа претставува дел од данската автономна зона. Во тоа време министерот за надворешни работи, Мартин Лидегард, изјави дека тоа е историски важна пресвртница за Данска.
Но, и тогаш Канада и Русија покажаа претензии кон арктичките територии, а истото подрачје го сакаат и Америка, Норвешка, па дури и Кина.
Станува збор за потенцијално огромни природни ресурси, за кои во 2008 година американскиот геолошки завод проценил дека речиси 22 отсто од неоткриените ресурси во светот лежат северно од Арктичкиот круг.
Особено агресивни се Русите.
- Нашата најважна задача е да го претвориме Арктикот во извор од кој ќе влечеме енергенси за 21 век - изјави во 2009 година рускиот претседател Дмитриј Медведев.