X
 31.01.2015 Образование

Ќе има ли плата за наставниците кои штрајкуваат?

На социјалната мрежа Фејсбук една професорка од средното училиште „Арсени Јовков“ вели дека во училиштето стигнал допис од Министерството за образование и наука во кое пишува дека на оние наставници кои штрајкуваат ќе им се исплатат само придонеси за јануари.

 

сонк


„Сакам да ве известам дека денеска во нашето училиште стигна допис од министерот за образование, наука и култура, во кој им се даваат насоки на директорите на училиштата да ја пресметаат јануарската плата за сите штрајкувачи врз основа на член 240 од Законот за работни односи, односно да исплаќаат само придонеси на најниска основица на плата. Овој притисок да го искористам моето уставно загарантирано право на штрајк, поткрепено со ваков небулозен закон, ме тера да бидам уште погласна и да ве замолам сите да се солидаризирате со наставниците кои сакаат да ги угнетат“, пишува професорката.

Во четвртокот Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми од Собранието изјави дека СОНК не се грижи доволно за информираноста на своите членови за нивните права за време на штрајкот.

„Во период на штрајк и кога се работи за нови барања врз основа на колективниот договор член 54 алинеја 2, работодавачот е обврзан да исплаќа само придонеси за наставниците коишто се на штрајк. Наставниците не се информирани дека за овој период нема да добијат плата“, вели Адеми.

На оваа изјава СОНК вели дека согласно колективните договори за основно и средно образование, јасна е обврската на работодавачот да плаќа дневница и за време на штрајкот. Како потврда за ова законско решение е и штрајкот од 2008 година кога СОНК штрајкуваше 8 дена, а во текот на тие денови согласно Колективните договори, дневниците беа платени од работодавецот.

Синдикалниот лидер на СОНК, Јаким Неделков, го повикува Адеми на седницата на Советот на Синдикатот којашто ќе се одржи утре во седиштето на СОНК.

„Почитуван Министер, Ве молам, дојдете на седницата и кажете им на тие што донесоа Одлука за штрајк, дека не им се реални барањата за зголемување на платите, иако и Вие знаете дека се најниски од сите европски држави, се разбира вклучувајќи ги и сите соседни земји.

Почитуван Г-дине Министер, кажете им исто така, како се спроведе екстерното тестирање, каков нов квалитет покажаа заменските наставници, за разлика од овие „непослушни” наставници, меѓу кои ги има и стотици и ститици со звања – истакнат и особено истакнат просветен работник и стотици од нив биле наставници на сите министри, досегашни премиери, претседатели на државата, универзитетски професори, пратеници, амбасадори, познати инженери, истакнати доктори во медицината, светски познати културни дејци… И сега, дел од нив ќе ја завршуваат својата просветителска мисија, како казнети, што значи лоши наставници.

И за жал, сосема на крај, Ви ветувам, ако навистина изнесете аргументи со кои ќе не убедите дека сме погрешиле, што на гарантирано право со Устав, но и вродено човечко право за одбрана на сопственото  достоинство се одваживме да побараме нешто за што Ви ги презентиравме нашите аргументи, а досега единствено имаме добиено одговор дека ниедно од нашите барања не се реални, па и дури преку Ваши гласноговорници, дека се штетни и за самите нас. Во таков случај ќе Ве испратиме со аплауз“, се вели во поканата. 
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование