X
 18.01.2015 Живот

Моќта на зборот благодарам

Воопшто не е тешко да се заблагодарите некому. Но овој збор може да ја изгуби смислата доколку се изговара без искреност или искажување на благодарност низ ситни гестови. Токму едноставните работи кои ги правиме во знак на благодарност не` прават среќни и можат драстично да ни го променат животот.

Еве неколку гестови за изразување на благодарност кон некоја личност:

- Велете благодарам. Кога некој ќе направи нешто убаво за вас, не е важно колку е тоа мало или големо, сетете се на искреноста на зборот благодарам. Ако таа личност моментално не е крај вас, јавете и` се или испратете и` порака за благодарност. И самите веројатно знаете колку е убаво да добиете неколку зборови за заблагодарување за нешто што сте го направиле. Не треба да испраќате никаква формална благодарница - нека биде кратка порака во која се заблагодарувате за одредени работи кои личноста ги направила за вас. Тоа ќе ви одземе многу малку време.

- Прегрнете некого, секако доколку е соодветно. Живееме во време кога не ја искажуваме доволно љубовта и благодарноста кон нашите најблиски. Немојте да бидете и вие такви луѓе - доволна е само прегратка со која не очекувате ништо за возврат.

- Заблагодарете се на денешниот ден. Благодарноста не треба секогаш да вклучува друга страна, можете да му се заблагодарите на животот како таков. Кога ќе се разбудите, поздравете го денот - бидете благодарни за животот што го имате.

- Направете некому услуга. Направете нешто убаво за некој, без да очекувате ништо за возврат. Не мора да биде нешто големо - почастете го кафе, помогнете му да направи некоја задача и слично. Размислете што таа личност сака или што и` треба... малиот гест кажува многу повеќе од самите зборови.

- Подарете нешто. Не мора да биде скапо, но нека биде од срце. Можете и самите да направите подарок, бидете креативни.

- Кажете и` на личноста зошто и` сте благодарни. На тој начин ќе и` дадете до знаење што цените и што ви е важно.

- Заблагодарете се за негативните работи во животот. Секако, ова е најтешко. Кога работите ќе тргнат во погрешна насока, кога другите ќе не` повредат, кога немаме добра волја, кога не сме расположени да кажеме благодарам - меѓутоа, во овие моменти е најважно да се заблагодарите. Секогаш постои два начини на гледање на една иста работа. Често кога нешто сметаме дека е негативно - стресно, тажно, тешко, истата работа може да се гледа и на позитивен начин. Токму благодарноста е одличен начин кој ќе не` потсети дека постои и позитивна страна на работите.

И запомнете, благодарноста е навика која во нашиот живот привлекува позитивност и успех бидејќи таа:

...не` потсетува на позитивните работи во животот. Среќни сме со луѓето кои не` опкружуваат во животот, без разлика дали станува збор за саканите личности или непознатите личности кои сме ги сретнале и кои биле љубезни кон нас.

... ги претвора негативните работи во позитивни. Бидете благодарни што можете да научите од предизвиците. Бидете благодарни што со сите лоши случувања и искуства, вие станувате се` посилна личност.

... не` потсетува на она што ни е важно во животот. Тешко е да се жалите на некои ситници кога сте живи и здрави.

... ги прави луѓето среќни, а со тоа и нас самите. Со зборот благодарам правите голема промена во животот на личноста на која и` се заблагодарувате. 
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот