Целта првично зошто ви го пишувам ова писмо е тоа дека не треба да се отвараат факултети на секое ќоше, ако истите ги немаат основни услови коишто се потребни за работа и за нормално функционирање. Исто така изреволтирана од разни случувања на факултет ми беше пресудно за да го напишам ова писмо.
Јас сум студентка на Правниот факултет-Кичево, Дисперзирани студии-Струга. Кога би можела да ја опишам состојбата на овај факултет со една реченица, јас би се решила само за еден збор - УЖАС којшто е повеќе и од доволен.
Од каде ли се да почнам кога има толку многу работи за поплаки, а убави па... не баш.
Нашиот факултет (ако можам така да го наречам) се наоѓа во зграда којашто порано била одморалиште односно која се`уште е тоа само што е преполовена. Едната страна се`уште си ја има истата функција. Нашиот дел е благо речено руиниран. На есен прокиснува (сме полагале со кофи до нас) заради обилните дождови, а на зима е камен ладно, ветер дува од сите страни затоа што нема изолација, нема греење и затоа што прозорците се стари и не можат да издржат. Како што напоменав на почеток бидејќи е одморалиште другата половина најчесто во есен и пролет е полна со деца па за време на предавања или колоквиумска/испитна недела може да се слушне децки џагор во и надвор од дворот, потоа како децата пеат, се смеет, си се забавуваат и се тоа од училницата до нас. Децата не се виновни бидејќи тие за тоа се дојдени тука, за да си ги поминат убаво тие денови коишто им се предвидени. При вакви ситуации тешко дека некој може да се сконцентрира на предавање, а за полагање па и да не зборувам.
Втор елементарен проблем којшто досега требаше да е решен, а не е, претставува греењето. Ние во Струга се грееме на греалки коишто можат на прсти да се набројат (а не се повеќе од пет) коишто се разнесуваат од училница во училница секако зависно на кој му се потребни, кој ќе ги побара. На факултет сме повеќе од четири саати во денот и стварно не знам кој би можел да седи толку долго време без греење во зима кога има снег и дожд, а од сите страни прокиснува и во услови коишто се крајно незадоволителни.
Трето, имам жалба до деканатот, до деканатската управа. Зошто кај нас не може да се знае колку пари се плаќа за испитна пријава, колку за полагање на испит по втор, трет пат, колку за презапишување испит итн. Зошто не може да има листа каде што може да се провери што те интересира или пак да се објави на страната од факултетот за да можеме ние студентите да бидеме информирани? Да, можеби плаќаме помалку партиципација во текот на годината, ама за разни други работи коишто ги вадат од глувчешка дупка за нас се дополнителни трошоци и кога ќе видиш од разни други страни ти ги земаат парите.
Друго што сакам да се пожалам, а има врска со ова е дека се крајно неорганизирани. Никогаш навремено не не` известуваат дали некое предавање или колоквиум/испит е одложен. Понекогаш цели испити односно сесии се поместуваат и наместо за тоа да сме благовремено известени ние ништо не знаеме. Постои страна од факултетот кадешто треба да се пишуваат соопштенија во врска со овие, арно ама тие што се вработени во студенски прашања се неодговорни и навремено не не` известуваат. Треба да се има во предвид дека има студенти коишто патуваат од околните населени места во Струга, од Охрид, па дури и за испитна недела од Кичево и Битола. Треба да знаат дека студентите коишто патуваат треба да бидат благовремено известени, бидејќи не секој може да си дозволи да дојде на пример од Битола и да се врати назад во рок од 15 минути и треба да знаат дека некои со можеби последните пари во џеб се дојдени тука, а не да се смеат и да ни кажуваат цитирам: ”Е ако де се прошетавте, кафе ќе пиете”. Стварно немам зборови, немам што да кажам.
Знам дека сега некои ќе речат па кој те тераше да се запишеш таму, има еден куп други факултети... И самата сум свесна за ситуацијата и можам да кажам дека не секој може да си дозволи студирање во друг град, поради разни причини... а, најмногу поради финансиски.
Знам дека и на другите факултети има разни проблеми и дека не е најсјано, но мое беше да објаснам како функционираат работите на овај факултет. И да не испадне дека сум негативец, дека се гледам од потемната страна, позитивно нешто е дружењето, запознавањето со нови личности со кои делиш се`. На зима заедно смрзнуваме и се топлиме еден до друг, а на пролет заедно му се радуваме на пролетното сонце и заедно знаеме да испиеме едно кафе покрај езеро.
Анонимна студентка
Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.