Никола Спировски, еден од најдобрите математичари во Македонија, го продолжи образованието на еден од најпрестижните и најквалитетни универзитети во светот - МИТ (Технолошки институт Масачусетс).
Никола Спировски го заврши средното образование во „Јахја Кемал“ во Скопје на природно-математичка насока. За тоа време Никола постигна многу значајни успеси на натпревари по математика, физика и биологија, меѓу кои и медали на престижни меѓународни натпревари и научни олимпијади по математика и по биологија. Беше двапати поканет да учествува на меѓународниот камп „Maths Beyond Limits“. Во слободно време чита книги, стрипови и игра пинг-понг и шах.
Неговите академски достигнувања кулминираат со прием на два од најпрестижните универзитети во светот: Тринити колеџ на Кембриџ и Технолошки институт Масачусетс - МИТ. Никола одлучи да го продолжи образованието на МИТ.
Како одлучи да студираш на МИТ?
- Уште кон почетокот на четвртата година од средното образование, кога почнав сериозно да размислувам каде би студирал, МИТ беше еден од моите први избори. Според многу метрики факултетот е еден од најдобрите во светот; многу од професорите и истражувачите вработени тука се врвни експерти во своите полиња и речиси секојдневно се изведуваат нови истражувања на работ од она што е познато и возможно. Едноставно е возбудливо да се живее и учи во таква атмосфера, уште повеќе што институтот активно им дава шанса на сите студенти да учествуваат во тие истражувања.
Големо влијание за мојата одлука имаа и моите врсници – годинава на универзитетот покрај мене беше примена и една моја пријателка, а познавам и многу други Македонци кои или моментално студираат или веќе имаат дипломирано тука. Овие луѓе имаат слична заднина како мене – претежно се поранешни натпреварувачи по математика – и се подготвени да ни дадат помош нам, на помладите, за што сум екстремно благодарен и што ми даде доверба дека секогаш ќе имам кому да се осврнам ако имам проблем.
Првиот впечаток на универзитетот како странски студент?
- Академски, а и во многу други погледи, универзитетот е како голем предизвик (академскиот дел го откривме уште од првата недела), но речиси секогаш има каде да се најде помош. Тука се собрани голем број успешни и интелигентни луѓе од целиот свет, секој со своја приказна, свои интереси и свои цели и од секого има што да се научи и секогаш нешто ново да се дознае. Преполно е со различни академски можности, програми, студентски групи, активности и секакви други ресурси и се чувствувам под некој притисок што побрзо да го најдам правилниот начин сите да ги искористам. Истовремено, и за среќа, ми се чини дека единственото нешто што е потребно е само да покажам малку интерес и ќе можам да истражам сѐ што ме интересира.
Каков е начинот на студирање, на што е ставен фокусот при студирањето?
- Студиите се конципирани според „американски“ принципи: дадена им е голема слобода на студентите да истражуваат разни предмети и полиња кои ги интересираат, па подоцна да одберат на што навистина сакаат да се фокусираат - предмет на студии може да се декларира кога било до крајот на втората година - но има и задолжителни часови кои им даваат шанса на студентите да се стекнат со знаења не само од природните науки, туку и од општествените науки и уметностите. Институтот става посебен акцент на соработката; студентите се поттикнати да учат заедно и да соработуваат на неделните домашни задачи со идејата дека различните перспективи можат да помогнат подобро да се разбере материјалот и побрзо да се решат задачите. Од голема важност се и практичните искуства, нешто што универзитетот смета дека гo одделува од другите универзитети во државата. Има голем број програми што им дозволуваат на студентите да се вклучат во истражувања и полиња кои ги интересираат (на пример, т.н. UROP - Undergraduate Research Opportunities Program), а и многу професори се среќни да им излезат во пресрет на студенти заинтересирани за нивното поле, дури и ако не се дел од тие програми.
Што овозможува универзитетот, какви се условите за студентите и дали таму се собрани најголемите млади и светски умови во науката?
- Универзитетот е исклучително дарежлив споредено со другите врвни институции низ светот. Покрај финансиската помош за школарината, институтот редовно ги снабдува студентите со парични средства за секакви активности - може, на пример, да се добијат почетни финансии за формирање сопствена стартап-фирма, за предлог-проекти за подобрување на студентскиот живот на кампусот, за основање нови студентски групи и клубови итн. Достапни се и многу работилници, таканаречени „Makerspaces,“ каде што студентите можат да состават свои проекти, а може и да се добие дозвола за студент самостојно да работи на сопствено истражување по хемија или биологија во една од лабораториите на институтот. Студентите добиваат поддршка и за кариерата - голем број врвни компании имаат воспоставено партнерство со разни професори и оддели од универзитетот или барем активно бараат и контактираат со тукашни студенти, а има и групи, како Асоцијацијата на алумни, кои им даваат совети и конекции на студентите. Верувам дека поради овие услови, многу од најдобрите млади научници од целиот свет доаѓаат да студираат тука секоја година, а и вработените професори и истражувачи се меѓу најистакнатите во светот.
Кои се твоите цели на краток и на долгорочен план во врска со студиите?
- Моментално не сум целосно сигурен што сакам да студирам понатаму и долгорочно се надевам да најдам поле на студии кое ќе ме исполни и ќе ми дозволи да работам на нешто што позитивно ќе го промени светот. Засега планирам да учам математика бидејќи таа е мојот главен интерес и ми отвора најголем број патишта во иднина, но размислувам и за биологија или компјутерски науки како други опции. Студиите по математика на универзитетот имаат релативно ниски предуслови [requirements] и се специјално осмислени за да може лесно истовремено да се изучи и друго поле (најчестата комбинација впрочем е математика и компјутерски науки). На пократок план би сакал да учествувам во истражување по математика или биологија (се надевам да почнам веќе од наредниот семестар) и поопшто да почнам да истражувам што би сакал да студирам и да работам понатаму.
Што правиш кога не си во светот на математиката, што те исполнува?
- Настрана од студиите, уживам да читам и да готвам (иако второто е мал предизвик на студентски буџет). Исто така, забавно е едноставно да се дружам со другите во мојот студентски дом - речиси сите тука се многу отворени, дружељубиви и уникатни личности.
Фото: приватна архива