X
 09.02.2015 Образование

Со тестови не се врши реформа во обрзованието

Во 1976 година социјалниот психолог, истражувач во експерименталните општествени науки и автор на многу дела од областа на истражувачката методологија, Доналд Т. Кембел го објавил т.н. Закон на Кембел. Според овој закон кога мерењето станува цел сама по себе, тогаш тоа престанува да биде добрa мерка. Или, кажано со други зборови, кога луѓето ги принудувате да постигнат одредена бројка, тогаш таа бројка ќе стане нивна единствена цел и опсесија.

 

Во општествените науки законот на Кембел се користи за да укаже на негативните последици од т.н. тестови каде влоговите се големи (тоа се сите оние тестови кои имаат значајни последици врз тестираното лице, на пример: полагањето за добивање на возачка дозвола, полагањето за добивање на лиценца за работа и сл.). Ова е во случаите кога целосната содржина на тестовите е фокусирана единствено кон подготвување на учениците/студентите само за полагање на стандардизиран тест, а нивниот емотивен, социјален, морален и креативен развој воопшто не се зема предвид.

Токму ова се прави со македонската образовна политика за основно и средно образование. Учениците во основните и во средните училишта, а по најновите измени (кои неодамна беа ставени вон сила) на Законот за високото образование и студентите се принудени да постигнат одредено ниво кое е задоволително за положување на т.н. екстерен тест, односно надворешна евалуација „на знаењето“. Ако се прашувате зошто последните зборови се ставени во наводници, тоа е направено од едноставна причина бидејќи сметам дека со вакви тестови на може соодветно да се измери стекнатото знаење на било кој ученик или студент.

Во продолжение накратко ќе се обидам да ја „доловам“ сликата во образованите системи во дел од високоразвиените држави. Во државите кадешто образованието е на прво место и кадешто државата навистина има зрела и рационала образовна политика не се стимулира механичкото учење, туку напротив, учениците се стимулираат да истражуваат, да бидат иновативни и креативни. Токму за ова би требало да се грижи државата преку својата образовна политика.
Моделот во кој наставникот/професорот пренесува одредени информации во врска со предметната материја, а ученикот/студентот само механички ги повторува без нивно разбирање, односно врши едноставна апсорпција на информациите, е веќе напуштен модел во развиените држави. Во поново време во овие држави е воведен систем што ги стимулира учениците да откриваат и да создаваат свои информации, и сето тоа преку љубопитност, имагинација, иновација, самоиницијативност и истражување. На овој начин развиените држави во светот, придонесувајќи за општото колективно добро, ги припремаат своите ученици и студенти за наоѓање на подобра и поадекватна позиција на пазарот на трудот. Целта на овие образовни сиситеми не е на учениците да им се даде стандардизирано знаење кое ќе се контролира и кое механички ќе им се „всадува“ во главите, туку да ја разбуди нивната креативност, љубопитност и да пробуди желба за истражување и иновации.

На пример, во Финска на децата не им се проверува знаењето со тестови во првите шест години од образованието, туку овој временски период служи за детето да се подготви за учење и да му се помогне да ја најде својата страст. На ниедно дете не му се кажува дека е слаб ученик кого не го бива за ништо, туку од страна на надлежните се лоцира проблемот, па доколку го има, му се помага на детето во учењето. Така на учениците им се дава можност да развијат сопствен начин на учење.

Во оваа скандинавска држава постои Национален образовен совет, но интересно е да се истакне дека овој совет не изработува детални наставни програми, туку само дава насоки и остава простор на секој наставник сам да ги реализира дадените насоки и самостојно да одлучи што сѐ ќе вклучи во наставниот материјал. Така, на пример, наставникот е должен да ги воведе своите ученици во часот и да отвори дискусија на начин кој за учениците ќе биде интересен и ќе ги заинтересира за предметната тема, но истовремено ќе биде и интелектуално предизвикувачки за нив. На ова, се разбира, одредено влијание има и бројот на ученици во еден клас. Па така, таму класовите се релативно мали (околу 20 ученици), додека за време на часовите по природни науки тој број се движи околу 16, а сѐ со цел да може секој од учениците самостојно да го спроведе експериментот што е предмет на проучување.

Во Финска се истакнува дека науката треба да се сфати и да се разбере нејзината примена во секојдневното живеење, а не да се научи механички одреден закон или конкретно правило. Интересно е да се напомене дека учениците во оваа држава имаат кратки часови и поминуваат доста мал дел од денот во училиштата. Исто така, се води сметка и учениците да имаат повеќе слободно време, да не се ограничуваат, да не им се наметнуваат задолжителни обврски, со цел за нивен подобар индивидуален развој преку изработување на сопствени проекти и самостојно продлабочување на знаењето.

Се истакнува дека целта на образовниот систем е секое дете во земјата да има еднаков пристап до квалитетно образование. Тоа значи дека секое дете треба да биде подложно на еднаков третман, да добие квалитетен наставник и образованието да му биде бесплатно. Во оваа држава ниту на факултет не се плаќа партиципација.

Се надевам дека со претходно изнесените факти и размислувања во овој текст, барем во одделни сегменти, го прикажав финскиот феномен, наспроти македонската реалност. Сметам дека на македонското образование му се потребни вистински и длабоки рефорфми кои ќе дадат посакувани резултати и навистина ќе придонесат за подобрување на целокупната образовна политика.

Автор: Илија Јованов, студент на Факултетот за правни науки при ФОН Универзитет

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование