X
 10.02.2021 Образование

Колумна: Реформи, реформи и само реформи во образованието во Македонија!?

Ние се надеваме дека ќе има слух кај надлежните државни институции да не се експериментира, туку да се аргументира и да се преземат чекорите кои ќе придонесат реализацијата на наставата во основното образование да биде поквалитетна

Пишува: д-р Благоја Маркоски, редовен професор на Институтот за географија при ПМФ во Скопје

Од пред неколку месеци се зборува за некакви реформи во образованието во Македонија. Зошто повторно, сега, кога пред околу пет-шест години истите беа направени со воведување на предметите природни и општествени науки? Тогаш во 4-то, 5-то и 6-то одделение се воведе предметот Природни науки (во кој партиципираат содржини од биологија, физика и хемија), а како поспецифични содржините поврзани со Земјата во вселената и Земјата како планета со нејзините сфери се ставија во предметот географија во 6-то одделение. Останатите предмети како фундаментални и од природните и од општествените науки најнормално останаа да се изучуваат во 7-мо, 8-мо и 9-то одделение. Ова е и основното барање на целата научна, стручна, професионална и општа јавност во државата.

Дали за да се сместат (како што се зборува) 21,5 милион долари од Светска банка со еден административен потег (без да се имаат предвид последиците во образовниот систем) или можеби под плаштот на реформи треба да се избрише историјата, како национална дисциплина (наставен предмет) во основното образование (и демек со тоа се решиле проблемите со соседните држави).

За да се прикријат работите, во оптек се поставува и воспоставување на еден предмет Природни науки каде што ќе се сместат четири фундаментални научни дисциплини (биологија, географија, физика и хемија) и учениците нема да осознаат дека постојат посебни науки важни за функционирањето на секојдневниот живот на човекот и човештвото.

Системот 3+3+3

Како што е споменато, реформи се направени неодамна и е воспоставен систем 3+3+3. Тоа значи:
-во првите три години главно станува збор за описменување на децата. Таму се учи природо и општество
-во вторите три години, запознавање на учениците со основните аспекти од непосредното опкружување од природата (со понепосредно запознавање на природните процеси и појави на она што го гледаме на небото и околу нас на Земјата, она што го чувствуваме, она што го употребуваме) и општеството (она што се случувало и случува низ времето меѓу луѓето, релациите меѓу луѓето, културните релации, организација на општеството и животот и други поединости) и
-во третите три години соодветно на поголемата возраст, учениците изучуваат конкретни и диференцирани содржини поврзани со:
       -географскиот простор, кој го проучува географијата; 
       -историјата која го проучува времето низ општествениот развој,
       -биологијата која го проучува животот,
       -физиката која ги проучува законитостите со техниките и
       -хемијата која ги проучува хемиските процеси и технологиите.

Ако не се постапува според овие принципи (описменување, запознавање и изучување), учениците ќе останат збунети и не ќе можат да разберат дека за разни проблеми постојат посебни научни дисциплини (но овие се основите од кои понатаму произлегуваат други специјални дисциплини), така што нема да можат да размислуваат за нивната професионална ориентација во средното и високото образование.

Изборни предмети во основно образование!?

Во врска со изборните предмети би било добро тие да бидат отстранети од наставните програми, бидејќи во основните училишта учениците се образоваат и воспитуваат, така што треба да стекнат основни знаења за објектите, појавите, процесите во природата и општеството, а не се врши специјализирање на некои конкретни знаења. Главна определба мора да бидат возраста и психо-физичката способност на учениците во ОУ.

Изборни предмети во основното образование не треба да постојат. Дури треба да се отстранат некои од постојните предмети кои се предмет на изучување на факултет (пример етика, религија, граѓанско образование итн.), а кои се внесени во програмите по основ на разни типови притисоци за да има каде да се вработуваат кадрите кои ги произведуваат некои факултети и политики (пример педагози, психолози, етичари, социолози и сл. и заради нив сега почнуваат апетити во ОУ да се вработувале геолози, етнолози итн.). Зошто тогаш се вика основно образование?

Институциите против контрапродуктивни реформи

Знаејќи го погоре наведеното, по вака одненадеж најавената реформа (особено по никаквите и штури аргументации) против се изјаснија Македонската академија на науки и уметности, Филозофскиот факултет, Институтот за национална историја, Природно-математичкиот факултет, Институтот за македонски јазик, Претседателот на Собранието на државата и многу други конкретни институти во рамките на факултетите, сите стручни друштва и искусни поединци експерти во своите научни области. Зарем нивната тежина треба да се игнорира наспроти неколку платеници околу министерот за образование и науки кои немајќи кредибилитет во своите институции, градат статус со поддршка на овие наводни реформи. Колку да се знае во концептот што го нуди таа, Комисијата нема ништо суштинско освен лекции од социологија и психологија. Нема релевантна аргументација бидејќи во составот нема експерти од фундаменталните научни дисциплини (било од подрачјето на природните, било од подрачјето на општествените науки).

Пиар-шеми

Очигледен е фактот дека министерката со својот пиар прави шеми. Околу себе има повикано неколку свои пулени, наводно авторитетни професори (деструктивци во нивните матични институции), кои ги користи како грлати дискутанти, од една страна, и поканува главно раководители на институциите (декани, директори, раководители), од друга страна, така што колку и да се спротивставуваат официјалните претставници на институциите, таа во продолжение пред медиумите ги пушта само нејзините пулени „експерти“, кои по партиска линија (а можеби и други интереси) ја бранат нејзината замисла за упат во образовниот систем во државата. Има умни луѓе, кои и ја пробиваат шемата и не ни одат на таквите седенки за да не бидат злоупотребени.

Во суштина никој не дава поддршка, ниту високообразовните институции, ниту советниците во службите, ниту наставниот кадар во основните и средните училишта. Постои само насилна и изнудена поддршка од уплашени наставници и од некои закоравени партиски директорчиња кои мислат само на својата божем возвишена позиција не сметајќи на последиците, кои произлегуваат од нагли промени во образовниот систем во државата. Шемата е ако не си со нас, тогаш си против нас.

Замислете, се игнорираат сите наши институции, а се возвишува некое пишување на двајца автори од некој Бостон колеџ 2019, според кој треба да се преорганизира целиот образовен систем во државата. Зошто да не се консултираат нашите релевантни институции преку официјално испратени експерти, кои ќе направат релевантни анализи и патоказ за некакви реформи, ако толку се неминовни.

Предлози за реформи

Сигурно не е проблемот во реформи со промена на наставните планови и програми. Суштината е да се направат реформи во функционирањето на постојниот систем, од типот:

- реформи во платите на просветните работници од основното до високото образование,
- реформи во матурскиот испит,
- реформи во уписната политика во високото образование (нелогично е некој да полага државна матура, а некој само училишна матура а и едните и другите да се запишуваат на факултет),
- да се воведат перманентни обуки на наставниот кадар,
- да се опремиме со релевантна литература, а не со декрет да се забрануваат помошни учебни помагала,
- да се постави инспекциски надзор, како се спроведува наставниот процес,
- да се види, кој, како и колку ги спрема нашите ученици за меѓународната проверка на знаења (бидејќи исто така наши ученици во организација на стручните друштва и матични факултети одат и се враќаат од светски олимпијади со златни и сребрени медали),
- да се направи постапка за избор на директори во училиштата од најавторитетните професори и наставници, а не да го назначуваме најнеспособниот партиски полтрон,
- да се уреди училишната инфраструктура,
- да се комплетира потребниот и соодветен кадар во сите училишта и ред други работи кои може и мора да се направат пред да се прави деструкција во постојните планови и програми во основното образование.

Слух или игнорирање!?

Ние сепак се надеваме дека ќе има слух кај надлежните државни институции да не се експериментира, туку да се аргументира и да се преземат чекорите кои ќе придонесат реализацијата на наставата во основното образование да биде поквалитетна. Попатно кажано, ако толку е неквалитетно нашето образование, како толку инженери, професори, доктори, економисти се отидени и прифатени да работат во серија европски држави и институции?

Извор: igeografija

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование