X
 22.08.2024 Колумни

Колумна: Активните мерки како доктрина за справување со невработеноста

Напорите за зголемување на вработеноста и намалување на социјалната исклученост во Македонија продолжуваат да бидат висок приоритет поради потребата од намалување на невработеноста, особено меѓу ранливите групи. Активните политики за пазарот на труд претставуваат владини програми кои интервенираат со цел да им помогнат на невработените да најдат работа и да го подобрат поврзувањето меѓу барателите на работа и слободните работни места.

Невработеноста сфатена како неуспех на пазарот на труд да обезбеди целосно усогласување на побарувачката со понудата на труд може да има сериозни последици како за поединците, така и за општеството во целина. Особено долгорочно невработените се соочуваат со тешкотии за вработување бидејќи нивниот човечки капитал може драстично да деградира, со што се намалуваат можностите за обезбедување приходи и кариерен напредок. Овие фактори влијаат врз намалување на веројатноста за излез од невработеност и ги зголемуваат изгледите невработените да ја напуштаат работната сила поради обесхрабреност за натамошно барање работа. На макрониво, долгорочната невработеност ги загрозува целите на политиката за вработување, ги намалува можностите за алокација на „вистинските“ луѓе на „вистинските“ работни места и ги редуцира професионалната и географската мобилност на работната сила. Од овие причини неопходно е рано да се интервенира во преминот кон невработеност со цел да се олесни процесот за реинтегрирање на невработените како активни чинители во генерирањето на додадената вредност во општеството.

Активните политики за пазарот на труд претставуваат владини програми кои интервенираат со цел да им помогнат на невработените да најдат работа и да го подобрат поврзувањето меѓу барателите на работа и слободните работни места. На овој начин, активните политики, од една страна, придонесуваат за раст на вработеноста и бруто-домашниот производ, а од друга страна, ги редуцираат невработеноста и зависноста на невработените од парични надоместоци. Активните политики обезбедуваат враќање на невработените на работа и на соодветна работна позиција преку обезбедување на потребната поддршка. Постојат повеќе видови активни политики, и тоа: јавни услуги за вработување, обезбедување обуки за невработените и субвенции за вработување.

Главни целни групи на активните политики на пазарот на труд се долгорочно невработените, младите, повозрасните работници, како и лицата со пониски нивоа на вештини. Учеството во активните програми може да ја редуцира долгорочната невработеност преку олеснување на одливот од невработеност, за разлика од приливот во невработеноста што во голема мера е циклична појава. Искуствата покажуваат дека доктрината на активни мерки за вработување е особено ефикасна за справување со високите стапки на невработеност. Имено, земјите со висока невработеност посветуваат многу помало внимание на активните мерки во споредба со трошењата за пасивни мерки, како што се надоместоците за невработени. 

Овде посебно треба да се нагласи потребата за комплементарност меѓу пасивните и активните мерки, бидејќи едноставното пренасочување на средствата од пасивните кон активните политики вообичаено не ги дава очекуваните резултати. Од друга страна, исплаќање парични надоместоци кои би биле условени од учество на невработените во активните мерки може да биде многу поцелисходно.

Напорите за зголемување на вработеноста и намалување на социјалната исклученост во Македонија продолжуваат да бидат висок приоритет поради потребата од намалување на невработеноста, особено меѓу ранливите групи. Во овој контекст, процесот на планирање, дизајнирање и имплементација на активни мерки и политики континуирано се спроведува од 2007 година. Помеѓу имплементираните мерки, вообичаените типови мерки се обезбедуваат на редовна основа, додека други се обезбедуваат повремено. Како вообичаени се сметаат следниве активни мерки: субвенции за вработување, обуки за познат работодавец, обуки за напредни ИТ-вештини и обуки за побарувани занимања. Повремените активни мерки се хетерогени и понекогаш се обезбедуваат за само неколку години, на пример, обуки за специфични дејности или специфична поддршка на компании во однос на отворање нови работни места.

Планираните активни програми и мерки на пазарот на труд во Македонија се систематизирани во Оперативен план, кој се подготвува на годишно ниво од страна на Агенцијата за вработување. Оперативниот план е официјален документ кој содржи детален опис на секоја активна мерка, вклучувајќи критериуми за учество, планиран број на учесници, постапка за селекција итн. Освен тоа, Оперативниот план ја вклучува и финансиската рамка со назначени трошоци и финансиски извори за секоја активна мерка. И покрај тоа што имплементираните активни мерки во Македонија се карактеризираат со високо ниво на транспарентност и отчетност, сепак, недостига нивна ригорозна оцена. Потребата за оцена на ефектите од активните мерки произлегува од фактот што јавните средства се ограничени и се трошат во време на економска криза и зголемен ризик од сиромаштија. Во овој контекст, потребно е да се земат предвид специфичните социо-економски услови, како што е високото ниво на неформална економија, социјална исклученост и сегментација на пазарот на труд и сл. Искуството од изминатиот период покажува дека Агенцијата за вработување успешно се справува со имплементација на планираните активни мерки, како и нивно мониторирање и постпрограмска евалуација. Сепак, постојат многу предизвици во однос на редизајн на постојните и воведување нови мерки, како и анализа на нивната трошочна ефективност.

Изборот на методот за евалуација зависи од достапноста на податоците, природата на програмата и начинот на селекција. Бидејќи најчесто сме ограничени со користење на постпрограмски податоци, анализите се засноваат врз т.н. „квазиекспериментален“ пристап каде што активните мерки се оценуваат екс-пост. Овие методи се нарекуваат квазиекспериментални бидејќи се обидуваат да креираат слична ситуација како кај контролиран експеримент. Исходите кај апликантите се споредуваат со оние од т.н. „контролна група“ составена од лица кои аплицирале, но не учествувале во конкретната активна мерка. Притоа, контролната група треба да се спари колку што е можно поблиску до опсервираните карактеристики на учесниците во програмата.

Во овој контекст, еден од методите кој често се применува во практика е спарување со оцена на склоност (propensity score matching). Овој метод се заснова на претпоставката дека разликите меѓу учесниците и контролната група кои заеднички ја определуваат нивната одлука за учество и посматраниот исход се опсервирани од податоците. Спарувањето е резултат на споредување на учесници со апликанти од контролната група, давајќи поголема тежина на оние што се послични со учесниците. Во овој контекст се користи логистичка регресија со цел да се пресметаат оцените на склоност. Потоа се споредуваат исходите на учениците со оние на апликантите од контролната група кои имаат слични оцени на склоност (propensity scores) со цел да се добие ефектот од програмата. Клучното истражувачко прашање е дали учеството во активните програми на пазарот на труд ја зголемило веројатноста на учесниците да најдат и да задржат соодветно вработување. Во продолжение се презентирани резултатите од евалуацијата на селектирани активни мерки која беше спроведена во 2021 година. Вкупната големина на примерокот изнесуваше 2.230 испитаници, од кои 1.260 учесници и 970 апликанти од контролната група.

Обука за возачи за C, D и E категорија покажува изразено позитивни резултати за учесниците и се спроведува од страна на етаблирани провајдери. 
И покрај тоа што е спроведена во мал обем, резултатите од оцената покажуваат извесни недостатоци во поглед на нејзиното таргетирање. Особено лошо таргетирани се невработените од руралните подрачја и долгорочно невработените. Освен тоа, оваа програма има голема трошочна ефективност и е корисна за учесниците, водејќи кон заклучок дека истата треба во иднина да се задржи.

Обука за познат работодавец дава доста неизвесни резултати. Имено, идентификуван е ефект на намалување на невработеноста само во една година и позитивно влијание врз субјективните перцепции за подобри финансиски услови и можности за вработување. Во овој контекст, некои обесправени сегменти, на пример: руралното население и работниците без работно искуство, како и мажите и долгорочно невработените имаат помали изгледи да ги пројавуваат ваквите перцепции. И покрај тоа што е релативно трошочно ефективна, сепак кај обуката за познат работодавец се забележува опаѓање на корисните ефекти.

Обуките за напредни ИТ-вештини особено се вреднувани од страна на испитаниците од аспект на новосоздадените околности за работење на далечина. Сепак, во анализата е откриено само значајно влијание врз субјективните перцепции на учесниците и влијание врз барањето работа само за една година. Освен тоа, негативната инкрементална трошочна ефективност и опаѓачките корисни ефекти укажуваат дека оваа програма станува значително скапа. Според тоа, се препорачува нејзино редизајнирање со земање предвид на променетите потреби за специфични ИТ-вештини.

Во однос на обуката за побарувани занимања, анализите откриваат ограничен ефект во намалување на невработеноста и покрај тоа што нејзината цел е да ја задоволи зголемената побарувачка за специфични вештини на пазарот на труд. Освен тоа, овие обуки генерално ги вклучува краткорочно невработените кои се соочуваат со поголеми изгледи за вработување, укажувајќи на можноста за значителни загуби во ефикасноста. Оваа програма има позитивно влијание врз субјективните перцепции за подобра финансиска состојба и изгледи за вработување. Освен тоа, утврдено е негативно влијание врз напорот за барање работа и позитивно влијание врз намерата за емигрирање. Земајќи ја предвид растечката трошочна ефективност и значително добрите корисни ефекти споредено со другите програми за обука, во иднина се препорачува продолжување на оваа програма.

Евалуацијата на исходите од програмата за субвенционирање на плати открива нејзино релативно подобрување во однос на претходниот период. Имено, субвенциите за плати на почетокот предизвикаа зголемена невработеност меѓу учесниците придружена со зголемена намера за емигрирање. Ова може да се должи на можното затворање работни места по истекувањето на периодот за кој се добиваат субвенциите. Сепак, подоцна е утврден ефект на намалување на невработеноста кај примателите, придружено со позитивно влијание врз платите и негативно влијание врз намерата за емигрирање. И покрај тоа што инкременталната трошочна ефективност покажува подобрување на ефективноста, оваа мерка сѐ уште се смета за една од најскапите. Во овој контекст, се препорачува нејзино редизајнирање преку подобрување на таргетирањето и условите за задржување на субвенционираните работни места.

Реформите на активните мерки на пазарот на труд треба да бидат засновани врз примена на интегриран и партнерски пристап, како и да бидат проследени со соодветен капацитет за менаџирање и имплементација. Освен тоа, реформите на активните мерки треба да ги земат предвид можните комплементарности со системот за компензирање на невработените и постојните програми за социјална помош. Резултатите од оцената на секоја одделна интервенција треба да се користат за информирање на креаторите на политики за тоа дали програмата ги постигнала поставените цели и да обезбеди информација во однос на потенцијалното продолжување, редизајнирање или прекинување на програмата. 
Можноста за комбинирање различни програми, како што се субвенциите за плати и обуките, може да создаде добра синергија и да го засили нивното индивидуално влијание.

Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни