X
 06.07.2020 Колумни

Колумна: Средното стручно образование - талкачот низ реформите

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште



Деновиве завршија уписите во средно образование во јунскиот уписен рок. Се сумираат резултатите низ средните училишта, се бројат примените ученици и се прават првите контури на класовите, кои наесен ќе го добијат статусот на средношколска воспитно-образовна средина. Она што и овој јуни, како и низата претходни, болно испливува на површина се неколкуте факти што го потврдуваат повеќегодишниот лавиринт низ кој образованието во глобала, а особено стручното, талка, постојано изложено на реформски зафати кои по различни основи, но и по основ на уписните политики не го даваат очекуваниот резултат.

Елизабета Секирарска


Многу долго постои, а секоја наредна година постојано се продлабочува јазот меѓу двата типа средно образование, кој се манифестира со мачното опстојување на стручните училишта, од една, и преполнувањето на гимназиите, од друга страна. Што, всушност, се случува и може да се согледа како директен ефект од долгогодишното недоволно успешно интервенирање во областа на преструктурирањето на стручното образование, што од наставниот кадар ангажиран во овој формат на образование се доживува како декларативна заложба, импровизации кои се закануваат со губење работа заради мал интерес/мал број на ученици и недоволно сериозно имплементиран систем во услови во кои потребата од остручување на учениците и градењето на нивните вештини и стручни способности е глобален императив?

Пред сѐ, еден апсурден факт се исправа пред стручните училишта секој јуни, кога завршените основци го започнуваат својот средношколски живот. Имено, сведочиме на енормно голем број од нив со просек 5,00, кои сметаат дека гимназиите треба да бидат нивен избор, што резултира со невидена навалица и полнење на гимназиските капацитети уште во првиот уписен рок. Парадоксот да биде поголем, секако по интервенција на родителите чии деца со 5,00 не успеваат да се запишат во гимназиите, се отвораат дополнителни паралелки или пак во зависност од нивниот број, децата се распределуваат низ веќе оформените паралелки, со што бројот на ученици во еден клас може да стане и драматичен.

Сведочиме и на обидите да се воведе класификационен испит за децата што својата иднина ја гледаат во гимназиското образование, каде што повторно ги гледаме загрижените и лути родители кои сметаат дека нивните деца учеле кога требало, имаат максимален просек и нема потреба да се изложуваат на стрес по толкаво учење. Овој, само еден аспект од целата проблематична слика е многу голем, треба да биде тема за издвоена дискусија и посебно анализиран, но во оваа пригода само ќе напоменам дека овој горлив проблем ќе треба да подлежи на сериозно дијагностицирање и од страна на надлежните, особено и, пред сѐ, ако се земе предвид дека толкав број на ученици со толкав просек едноставно не е можен во онаа суштинската, образовна смисла.

Дотолку повеќе што се коси со резултатите што децата на таа возраст ги покажуваат на ПИСА-тестирањата, најчесто користената алатка во светски рамки за мерење и оценување на практично применливото знаење на учениците во образовниот систем во матичната земја. Резултатите на нашите деца на 15-годишна возраст (а, тоа се децата кои се на прагот на средношколскиот живот) во областа на читање со разбирање/критички пристап во читањето на пишаните материјали, во природните науки и во математичка писменост во континуитет ги рангираат на дното на табелата во меѓународни рамки. Резултат на што се нивните петки? Од каде олкавата диспропорција?

Дотолку повеќе и што и ние како фела, која работи со децата дојдени од основното образование со максимален просек, сведочиме многу често дека не мал дел од нив набргу покажуваат колкави им се реалните знаењата внесени во средношколските клупи. Пак ќе речам – комплексен проблем на кој треба сериозно да му се пристапи, но за тоа во некоја друга пригода.

Освен овој непобитен факт, а заради кој децата своја иднина не ја гледаат во стручните училишта, постојат и низа реални системски и концептуални проблеми кои се провлекуваат многу долго и на кои се работи постојано од почеток и постојано со недоволно осмислен приод кон реалните тешкотии. Имено:




- Со низата закони и стратешки документи со кои се опфаќа образованието – Закон за средно образование, Националната стратегија за образование, Закон за високото образование, Закон за стручно образование и обука, Закон за образование на возрасни, Закон за отворените граѓански универзитети за доживотно учење, Закон за Националната рамка на квалификации, Концепција за модернизација на техничкото образование, Стратегија за техничко образование и обука, Стратегија за образование на возрасни, Стратегија за стручно образование и обука во контекст на доживотно учење и акциски план, Концепција за модернизација на техничко образование, Концепција за постсредно образование, Концепција за стручно оспособување итн., само се дисперзира законската материја, поради што таа е неконзистентна и некохерентна во примената. Овие документи секако ги регулираат, детектираат и објаснуваат предизвиците во функционирањето на системот, но она што отсуствува е постигнување на целите во практика, односно нивна доследна имплементација.

- Со низата закони следува и голем број институции и советодавни тела кои го покриваат особено стручното образование и обуката, честопати со неразграничени надлежности. Оттука, не е јасно согледливо која од овие институции на терен ја има вистинската улогата на координатор. Ефектот, за жал, се сведува на старата деловна флоскула „ако нешто не можеш да го направиш, состави комисија“, поради што сиот напор станува и останува формален, наместо да се преобрази во суштински.

- Со низата стратешки документи со кои се опфаќа невработеноста (Национална стратегија за вработување, Оперативен план за услуги на пазарот на труд и активни програми и мерки за вработување, Програма за реформи во вработувањето и социјалната политика, Национална стратегија и акционен план за вработување млади лица и сл.) убаво се опфатени реалните состојби кои посочуваат сериозен недостиг на стручен кадар и во нивен контекст, мерките кои треба да се преземат за надминување на неусогласеноста на понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Тоа е само еден од одговорите на прашањето како да се врати атрактивноста на стручното образование, кое предолго убедливо ја губи битката со гимназиското. Меѓутоа, со оглед на реалните состојби, се чини дека освен евидентниот напор да се направат промени, ефектот од истиот постојано изостанува и за резултат има празни училници во стручните училишта, радост на вработените и за десетина запишани ученици и болен и тврдам, незаслужен факт дека во стручните училишта се запишуваат деца кои заради нискиот просек од основното образование немаат шанса да се запишат во гимназија. Инаку не би ни дошле, и покрај фактот дека стручните училишта се опремени со работилници, со неопходни ресурси и со кадар кој може да вложи во капацитетот на учениците. Од друга страна, бизнис-заедницата постојано алармира за недостиг на кадар, кој произлегува од средното стручно образование. Истражувањата покажуваат дека на пазарот на трудот е детектиран недостиг на текстилни работници, чевларски работници, бравари, заварувачи, готвачи, келнери и друг сличен профил на стручност. Во овој контекс, еден од проблемите секако е и статусот на работниците, нивните примања и целосниот третман како вработени кои заради немање избор, прифаќаат да работат и под супстандардни услови, кои знаеме дека се реалност и дека резултираат со немање интерес кај младите.


Ако зборувам од човечки аспект, а не само како наставник, ќе кажам тука дека никогаш нема да го заборавам разговорот со една мајка од пред некоја година, на денот на уписите во моето училиште (Куманово е чевларски град, а училиштето го нуди образовниот профил кој веднаш по завршувањето обезбедува работа во некој од низата приватни деловни субјекти што произведуваат обувки). Нејсе. На моето прашање зошто детето, кое беше со неа и молчаливо и без интерес следеше што се случува (а со оглед на поените со кои не влегува во економските паралелки за кои таа инсистираше) не го запише во кожарската струка каде што има место и во која секако без проблем влегува, и секако, на мојот обид да ѝ посочам дека веднаш потоа има работа, се најдов во состојба да немам валиден аргумент по топло-мачниот поглед на нејзиното напатено око, со кое ме гледа како што гледаат срните:

„Знаете што, професорке. Не ми зборувајте за работа во погон, ве молам. 25 години сум на машина. Знам како е. Не гледам веќе. Имам проблеми со 'рбетот. Платата ми е колку за сметките и лековите. Третманот од страна на газдата не би го споменувала. Затоа ве молам, немојте“. Сликата од реалното образовно-социјално-бизнис милје уште ја помнам, а тоа со ниту една реформа, со ниту еден закон, програма, стратегија и документ од кој било ваков формат не може да ја разубави.

- Со напорот на стручните училишта да обезбедат целисходна соработка со реалниот бизнис сектор не кореспондира потребата од постоење на прецизни и формални закони и правила, кои ќе содржат јасно дефинирани механизми и програми за финансиско-логистичка поддршка од страна на државните органи и локалната самоуправа. Во тој контекст, стручните училишта се ставени во ситуација сепак во најголем дел самостојно и реално кажано, врз база на лични контакти, да обезбедуваат и организираат посети на локалните работодавачи. Со најновата реформа на стручното образовното се воведува дуалниот образовен формат. Овој систем на дуално образование е вид на јавно-приватно партнерство помеѓу стручните училишта и компаниите, како образовен систем кој ги комбинира содржините што се предаваат на училиште со практична обука во компанијата. Со тоа на компаниите ќе се им се овозможи да вработат квалификувани работници со соодветни вештини, а учениците ќе имаат шанса да бидат обучувани од сертифицирани ментори од компаниите во простории за обуки каде што се симулираат вистински работни околности. Замислен е како убав модел на практика, а со оглед на досегашните искуства, останува да ги видиме ефектите.

Ќе завршам со тоа што уште еднаш ќе го апострофирам фактот дека средното стручно образование е во сериозна криза, талка низ реформите со години и се соочува со намалувањето на бројот на ученици, лошата економска состојба, поделената надлежност меѓу повеќето институции и на различни нивоа, неусогласените правни прописи и отсуството на нивната целосна примена, незаинтересираност на деловната заедница, но и секако со отсуство на мотивираност и капацитети на наставниците и директорите за иновации. Претприемачкиот дух - ововременскиот современ императив се изучува како теорија без оспособување на учениците за практична имплементација на вештините и способностите, без вклученост на бизнис-заедницата во осмислување и креирање на наставните програми, без сериозна поддршка на училиштата во промовирањето на она што го нудат како стручна воспитно-образовна средина и секако, без менување на, во основа експлоататорската бизнис-матрица која придонесува стручното образование да остане маргинализирано и со опаднат интерес.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни