X
 30.03.2018 Култура

„Читајте, не скролајте; размислувајте – не тролајте!“


Момче чита на таблет со специјално пенкало.
(Фото: Pixabay)


Скандалот со злоупотребата на личните податоци од социјалната мрежа „Фејсбук“ го открија новинари на „Обзервер“ и на „Гардијан“. Британската компанија „Кембриџ аналитика“ илегално собрала информации за 50 милиони корисници на „Фејсбук“ и ги користела за разни маркетиншки компании, дури и за местењето на американските избори во 2016 година, на кои, делумно поради многубројните лажни вести на социјалните мрежи, победи Доналд Трамп.

За да ги смири акционерите и да го спречи одливот на корисниците, Закерберг напишал: „Се трудев да сфатам што точно се случило за да не се повтори во иднина“. Всушност, проблемот не е тоа што некој неовластено ги искористил податоците од „Фејсбук“, туку во тоа што „Фејсбук“ постојано ги користи истите тие податоци – неговиот годишен нето-приход од милијарди долари доаѓа главно од продажба на огласи, а тие огласи целно ги пласира до корисниците врз основа на нивните навики. Освен тоа, што се „безначајните“ 50 милиони луѓе во споредба со две милијарди активни корисници месечно?

„Фејсбук“ не крие дека собира податоци за нас и ги користи за огласување. Во понудите до огласувачите се фали, на пример, дека може да ја зголеми продажбата на игри за 63 отсто, така што огласите ги упатува до играчите во зависност од нивните интереси; дека продажбата на облека може да доживее „драматичен раст“ благодарение на „богато персонализираните реклами“ и дека одредени производители бележат „голем раст на интересот“ бидејќи се сосредоточиле на корисници со семејства.

Она што почна како онлајн-услуга за поврзување на блиски луѓе се претвори во најголем светски собирач на податоци – со исклучок на „Гугл“, можеби. Социјалните мрежи не дознаваат за нас само врз основа на нашите објави и коментари. Ним подрагоцена информација им е она што го скроламе и што не го скроламе; што читаме и што прескокнуваме; кога сме онлајн и кога не сме; тие нè следат и кога не сме на „Фејсбук“ – дури знаат и што сме тргнале да напишеме, па сме се премислиле и сме го избришале.

Минатата година беше многу тешка за „Фејсбук“. Се откри ширењето на лажни вести од големи размери, се дозна дека поради него („Фејсбук“), во Америка се затресоа темелите на демократијата, се пишуваше за рекламирањето опасни производи и ширењето омраза. Сето тоа ја доведе во прашање политичката неутралност на „Фејсбук“ и прокламираната способност „да ги одржува општествените стандарди“ – што и да значи тоа. Поради тоа, Закерберг во јануари најави промени во дејствувањето на компанијата, со што би се вратила на изворната идеја – поврзување луѓе, а не шпионирање на корисниците.

Пред два и пол месеца Закерберг објави: „Пред ’Фејсбук‘ стои многу работа затоа што треба да се заштити нашата заедница од злоупотреби и омраза, да се одбрани од мешањето на националните држави и да се осигури чувството дека времето поминато на ’Фејсбук‘ е добро искористено време“.  Ако некој се сомневаше, времето поминато на „Фејсбук“ е за да можат огласувачите да си ги продадат нивните добра и услуги. А тоа им е овозможено бидејќи оваа социјална мрежа ги следи нашите потреби и навики, ни се вовлекува под кожа, ни влегува во срцето и душата, ни продира во соништата и стравовите – и потоа заработува од нив.

Значи, работа има на претек. Но, дали може да се извршува? Во јануари, меѓу другото, Закерберг призна дека нема да ги спречи „сите грешки или злоупотреби, но дека моментално прават премногу грешки додека ја наметнуваат нивната политика и превенираат злоупотреба на нивните алатки“. Речиси да го најави скандалот со „Кембриџ аналитика“.

Закерберг немаше да стане еден од најбогатите и најмоќни луѓе на светот да не знаеше како функционира светот – а и неговата компанија. Оттука, треба да бидеме сигурни дека промени нема да се случат, затоа што се невозможни.

Имено, „Фејсбук“ е проектиран на чудно едноставен начин: имате само еден канал во кој сè се слева – вести, лажни и измислени; снимки од деца и домашни миленици; реклами дизајнирани за сечија возрасна доба и семеен статус; желби за среќен роденден; афоризми, по правило апокрифни; занимливости од историјата; постови од ваши пријатели; политичка агитација и носталгични фотографии. Во сето тоа не постои никаков ред и ако нешто пропуштите или по извесно време сакате одново да го погледнете, речиси е невозможно да го најдете – порој од онлајн-содржини со огромна брзина зема и носи.

Во таа смисла, „Фејсбук“ е чекор поназад од веб-порталите каде што содржините се распределени по рубрики, поврзани со клучни зборови (тагови) и се достапни преку пребарувачи. Е, токму во тоа „се крие зајакот“. „Фејсбук“ не бара корисник кој ќе господари со податоци, ќе ги структурира во информации и на тој начин ќе учи. Не, „Фејсбук“ бара корисник кој деноноќно е нурнат во поројот, кој не смее оттаму да се помрдне ни за момент, кој реагира инстинктивно, сè следи и во сè верува.

Од таа перспектива бесмислено е да се размислува каде сè сме оставиле податоци. Ако дневно се прегледуваат илјадници канали (feeds) и постови – а за младите тоа не е претерано – податоците на корисникот веќе се складирани на илјадници, илјадници места.

Ако се прегледуваат илјадници објави дневно – не може да се разликуваат вистината и лагата, рекламите од вестите, фикцијата од стварноста. Во таа смисла, разликувањето на лажните и автентичните вести станува застарено. Корисникот на „Фејсбук“ нема ни време ни можности – а во краен случај ни потреба – да истражува што вистински се случило. Тој веќе скрола понатаму.

Замислете град во кој живеат две милијарди луѓе. И дека во тој град има само една улица и ако сакате да се дружите, да се информирате или образовате, ако сакате нешто да си купите, да продадете или да доживеете – морате да излезете на таа улица, таму да гледате и да бидете видени. Таквиот град е негација на сè што, со милениуми постоење на цивилизацијата, сме научиле за домувањето, за општеството и за семејството. Таквиот град го негира и јавното и приватното, во него се невозможни и семејството и политиката. Во таквиот град е невозможен секој разговор и секоја расправа, можно е само довикувањето, што ја деградира аргументацијата и нужно води до поларизирање.  

Е, тоа е „Фејсбук“. И „Инстаграм“. И „Снепчет“. И „Твитер“. Секој на свој начин, но сепак...

Затоа, вреди да се истакне дека аферата со „Кембриџ аналитика“ ја открија старомодни новинари, со старомодна редакција која уште ги истражува темите, ги проверува податоците и се грижи за интересот на заедницата.

Значи, прашањето не е дали треба да се избрише профилот или да се премине на друга мрежа. Сите се исти, преголеми и премногу важни. Но, можеме да го смалиме времето поминато на нив, а да ја зголемиме посетата на вредни и сигурни портали. Па дури и, не дај Боже, да посегнеме по книга, од која нема да нè нападнат реклами и од каде што никој нема да исползува од нашето присуство.

И да вежбаме читање наместо скролање. И размислување наместо тролање.

Колумна на Борис Бек, книжевник, новинар и преведувач
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура