Доколку се водите според пишувањата низ интернетот и според претпоставките на критичарите, поголемиот дел од победниците на овогодинешното 87-мо доделување на Оскарите, се веќе познати.
На стартот во трката за златната статуетка на 22 февруари се наоѓаат 8 остварувања, а меѓу нив не се наоѓаат филмовите коишто публиката ги сака најмногу - блокбастерите. Го нема „Gone girl“, „Interstellar“, „Guardians of the Galaxy“. Ги има само филмовите кои повеќе личат на кандидати од независни продукции.
Меѓу финалистите се и четири биографски остварувања - „American Sniper“, „Selma“, „The theory of everything“ и „The imitation game“ и четири драми - „Birdman“, „Boyhood“, „Grand Budapest Hotel“ и „Whiplash“.
Иако „Birdman“ и „Grand Budapest Hotel“ имаат 9 номинации, семејната драма „Boyhood“, која го следи растењето на главниот јунак Мејсон, има најголеми шанси за Оскар за најдобар филм.
Проектот на Ричард Линклејтер, кој се снимал во период од 12 години со истите глумци, секако претставува еден од најзначајните филмски подвизи, а некои критичари сметаат дека претставува најважното остварување на овој милениум.
Во категоријата за најдобар режисер се номинирани Вес Андерсон („Grand Budapest Hotel“), Aлехандро Инариту („Birdman“), Ричард Линклејтер („Boyhood“), Бенет Милер („Foxcatcher“) и Мортен Тулдум („The imitation game“).
И покрај бујната фантазија во нивните филмови, Андерсон и Инариту нема да освојат Оскар, туку тој ќе замине во рацете на Линклејтер.
Сите се сигурни дека Оскарот за најдобра главна улога е „резервирана“ за Мајкл Китон - во машка категорија, и Џулијан Мур - во женска категорија.
Освен Китон, на Оскарот може да се надева и Стив Карел, Бредли Купер, како и Бенедикт Камбербечи Еди Редмејн.
За многу луѓе се чини дека меѓу номинираните требаше да биде и Дејвид Ојелово („Selma“) како и Џејк Џиленхол („Nightcrawler“).
Покрај Мур, во трката за Оскар за најдобра женска улога се и Марион Китијар, Фелисити Џонс, Розамунд Пајк и Рис Витерспун.
Наградата за најдобра споредна машка/женска улога е неизвесна. Во првиот случај се очекува Оскарот да го освои Џ.К.Симонс за улогата на строгиот професор, во музичката драма „Whiplash“. Плановите може да му ги помати Роберт Дувал („Тhe Judge“), Итан Хок („Boyhood“), Едвард Нортон („Birdman“) и Мајк Рафало („Foxcatcher“).
Кај глумиците најголема предност има Патрисиа Аркет („Boyhood“), но веднаш позади неа е Лора Дерн („Тhe Wild), Кира Најтли („The imitation game), Eма Стоун („Birdman“) и Мерил Стрип („Into the woods“).