X
 21.03.2015 Образование

Наставнички пленум: Апел до наставниците кои вршат притисоци врз учениците



Деновиве до членовите на Наставничкиот пленум пристигаат поплаки од средношколците дека некои од колегите вршат разни притисоци врз нив заради учество на протестите на средношколците. Колеги, не навлегуваме во тоа кои се ваши побуди за ваквото однесување. Независно дали тоа се лично вашите побуди или некој тоа го побарал од вас, ние сакаме да ве потсетиме на следново:


Кога ја избравте оваа професија заборавивте ли на почитување на одредбите од Законот за средно образование?

Член 3: Секој, под еднакви услови утврдени со овој закон, има право на средно образование. Не се дозволени дискриминации засновани на пол, раса, боја на кожата, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествената положба. и

Член 7: Во средното училиште е забрането секакво политичко и верско организирање и дејствување.

Член 109: Со парична казна од четири до дваесет плати ќе се казни за прекршок средното училиште особено ако: дозволи организирање и дејствување на политички партии и верски организации во средното училиште и изведува верско образование (член 7);

Со парична казна од една десеттина до една половина од плата се казнува наставник ако: телесно казни ученик, односно психички го малтретира (член 51);

 Си поигрувате со децата кои се нашата иднина. Свесни ли сте дека овој „фронт“ е многу поделикатен од она што се обидувавте нас да ни го сторите!? Свесни ли сте дека последователно ќе си отворите низа „боишта“ со кои не ќе умеете да се справите? Дали сте свесни дека се борите со малолетни деца кои можат да бидат и ваши деца? Нели ви е срам да ги малтретирате децата активисти на Средношколскиот пленум знаејќи дека сте посилни од нив како поединци? Но, не сте посилни и од СП и НП кои со заеднички цели и интереси ќе ве „победат“.

Жално е да се чуе дека заради протестите некои наставници пишуваат единици и вршат психичко малтретирање на невините деца. Жално е да им се заканувате и да ги уценувате децата. Свесни ли сте дека кршите повеќе членови од законот за средно образование? Противзаконски е да ги сопрете мирно да протестираат зашто знаат што сакаат.

Тажно е што вие сте дел од наставниот кадар кој треба да ги научи на демократија, слободна мисла, креативност, критичко размислување… Тажно е што атакувате на вашите и наши ученици за лични и партиски поени кои ќе ве доведат или ве довеле до ветената или посакувана позиција. Но, внимавајте да не се занесете во вашите апетити и амбиции, па тогаш да не знаете каде сте се нашле. Тие деца не се сами – имаат родители, роднини, пријатели, нè имаат нас, наставниците кои ги поддржуваме во нивните барања и активности и ќе сториме сè што е потребно да ги заштитиме од вашите валкани игри.

За среќа, децата се многу подоблесни од вас. Тие деца мислат со своја глава, а не по наредба и директива. Тие деца, за разлика од вас, ги препознале недостатоците во образованието и имаат право да бараат подобро и поквалитетно образование. Децата се исплашени, но свесни се дека се на вистинскиот пат, а вашите закани ги прават уште поодлучни. А во таа нивна борба ја имаат нашата целосна поддршка – затоа што се во право!

Наставнички пленум

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование