X
 16.11.2019 Наука

Нешто се случува со нивоата на кислород на Марс, научниците немаат објаснување

Атмосферските гасови на Марс се доста мистериозни. Научниците најпрво се занимаваа со мистеријата поврзана со метанот, кој се појавува и исчезнува, а сега открија дека истото се случува со кислородот над областа на кратерот Гејл. Поточно, нивото на кислород малку расте, па малку паѓа, и тоа во количини што не може да ги објаснат познатите хемиски процеси.

Овие варијации ги откри роверот „Кјуриосити“, кој полека и методично патува по дното на кратерот и подножјето на планината Шарп, која се наоѓа во неговиот центар.

Различни атмосфери

Роверот не ја анализира само почвата на Црвената Планета, туку и составот на атмосферата на Марс. Тој престојува во кратерот на планетата веќе три марсовски години (односно шест земјени години), а астрофизичарите забележале дека нивото на кислород во атмосферата на планетата не се однесува како што треба.

За да се избегнат забуни, на Марс нема многу кислород. Поголемиот дел од неговата тенка атмосфера го сочинува јаглероден диоксид (95 отсто). Остатокот го сочинуваат: 2,6 отсто азот, 1,9 отсто аргон, 0,16 отсто кислород и 0,06 отсто јаглерод моноксид.

марс
Фото: NASA


Наспроти ова, атмосферата на Земјата се состои главно од азот (78,09 отсто) и кислород (20,95 отсто).

Она што може да се објасни - СО2

На Mарс во текот на целата година се менува атмосферскиот притисок. На зимската хемисфера СО2 замрзнува над полот, што на друго место предизвикува пад на притисокот. Тоа резултира со прераспределување на гасовите за да се изедначи атмосферскиот притисок низ целата планета. Во пролет се случува спротивен ефект.

Така, флуктуациите во некои гасови може да се предвидат сразмерно со нивото на СО2. Аргонот и азотот горе-долу се однесуваат во согласност со тој модел, но не и кислородот.

Во текот на пролетта и летото кислородот се зголемува за околу 30 отсто, враќајќи се на нормално ниво наесен. Тоа се случува секоја година, но како што количината на вредноста на кислородот варира од година на година, се чини дека нешто додава, а потоа одзема тој гас од воздухот.

„Се обидуваме да откриеме што се случува“

Засега научниците не знаат што може да предизвика разлика во нивото на кислород или каков вид хемиски процес стои зад оваа аномалија.

- Се обидуваме да откриеме што се случува - рече планетарниот научник Мелиса Тренер од Центарот за вселенски летови „Годард“ на НАСА.

- Фактот дека состојбата на кислородот не се повторува во иста мера секоја сезона покажува дека причината не е атмосферска динамика. Очигледно се работи за некој хемиски извор за кој сè уште немаме објаснување - додаде таа.

Но, постои една трага - метанот. И неговото ниво драстично се зголемува во текот на летните месеци, до 60 отсто. Можеби нивоата на метан и на кислород се зголемуваат во тандем, па така она што предизвикува флуктуации на нивото на метан исто така предизвикува и флуктуации во состојбата на кислородот.

Двата гаса може да настанат органски; тоа би значело дека биле произведени од живи организми, но и геолошки процеси.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука