X
 01.04.2015 Образование

Што ги чини овие образовни системи најдобри во светот?

Пред педесет години, Јужна Кореја и Финска имале ужасни образовни системи. Денес, тие ги имаат најдобрите образовни системи во светот. Што направиле земјите за да стигнат онаму кадешто се денес и што е тоа што нивните образовни системи ги чини најдобри?


Јужна Кореја - учење, учење и само учење

Јужнокорејците, како и голем дел од азиските земји, веруваат дека најдобриот начин за напредок е тестирањето. Од сите овие земји, Јужна Кореја е најекстремната, но и најуспешна земја во поглед на тестирањето и генерално, образованието.

Писменоста во Јужна Кореја изнесува 100%

Но, тоа доаѓа со своја цена. Учениците се под огромен притисок. Талентот не е прашање бидејќи културата верува дека напорната работа и упорноста се најбитни и дека нема оправдување за неуспехот. Децата тука учат постојано, на училиште и дома. Класовите во Јужна Кореја се големи затоа што наставникот ги води сите како заедница во која е дозволено раѓање на другарски врски.


Финскиот модел - избор и мотивација

Од друга страна, учениците во Финска ги учат добрите страни на строгоста и флексибилноста истовремено. Според експертите, финскиот модел е вистинска утопија. Училиштето во Финска е центарот на заедницата кое нуди образование, но и социјални услуги. Финската култура ја вреднува мотивацијата и потрагата по личен интерес.

Училишните денови траат кратко, но се богати со разни активности. Финците сметаат дека најголемиот дел од образованието се добива надвор од училницата. Една третина од предметите се по избор на учениците. Тие одбираат и што ќе полагаат за државна матура.

Сепак, финските ученици се научени на напорна работа, особено кога се работи за учењето странски јазици. Тие знаат дека може да успеат само доколку зборуваат повеќе јазици бидејќи никој не го зборува финскиот јазик. Така, не е чудно да наидете на ученик од Финска кој учи и шведски, француски, англиски, руски и германски јазик.

Што ги поврзува двата модели?

Она што ги поврзува образовните системи во овие две земји е почитта кон наставникот. Наставниците во Финска предаваат само 600 часа годишно, а остатокот од времето работат на својот напредок. Само еден во десетмина пријавени за програма за наставници е примен во Финска. Во 1970-те години, 80% од наставничките факултети биле масовно затворени. Оттогаш останале само најдобрите институти кои го задржале високиот критериум.

Кој модел од двата сметате дека е подобар?


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование