X
 07.11.2018 Живот

За Финците, молчењето е продолжение на еден пријатен разговор

Финците не се премногу дружељубиви и никогаш не водат незадолжителни разговори. Финците нема да разговараат со вас на улица, но можеби ќе имате среќа да им станете пријател и ќе ви го раскажат целиот живот. Ако на улица видат како некој странец им се насмевнува, ќе помислат дека е пијан, луд или Американец.

Новинарката Лаура Стударус раскажува како ја запознала сега веќе најдобрата пријателка, Финката Хана.

При првата посета на Хелсинки, од очај поради осаменост, таа се нашла со Хана, со која ги поврзувала сличната работа. Лаура немала познати во градот и само сакала некој да седи со неа во кафуле. Брзата пијачка преминала во вечера и тие двете четири часа разговарале за политика, религија, секс и живот, теми за кои на пријателите им се потребни години за да ги отворат. Една година подоцна Лаура одлетала назад во Хелсинки за да биде деверица на венчавката на Хана. Сè уште се чудела како толку брзо станале толку блиски.

- Хана ми објаснуваше: „Лаура, Финците не зборуваат глупости“ - наведува Лаура.

Финците, ако немаат некоја важна тема на памет, воопшто не разговараат и една од нивните поговорки е: молчењето е злато, разговорот е сребро. Малите разговори надвор од социјалните ситуации меѓу блиски пријатели не постојат. Разговорот со барменот е ограничен само на името на кафето што сакате да го нарачате. Седење, шетање или стоење кое бара присутност на други лица? Никогаш. Често се прикажува меме од луѓе што чекаат автобус на станица и преферираат да стојат надвор од постојката наместо да бидат близу до другите. Во јавниот превоз разговараат само странците. Таму владее тишина.

Во земјата има два милиони сауни во кои луѓето се голи, главно поделени по пол, и таму Финците немаат проблем со зближувањето. Но, штом ќе се разделат, нема веќе разговор. Финците често забораваат на вообичаениот разговор, кој е врежан во другите култури и не гледаат причина зошто би се запознавале со колегите странци, туристи и зошто би стекнувале пријатели.

Една професорка по англиски јазик објаснува дека на училиште вежбале „мали разговори“ со непознати луѓе во кафуле, на постојка, дури и на табла пишувала замислен разговор и тоа на Финците им одело многу тешко. Благодарение на телевизиите и филмовите кои се главно на англиски, на Финците им станува поблизок нефинскиот начин на комуникација.

Има многу претпоставки зошто Финците се толку молчаливи. Има нешто со комплицираниот фински јазик и со големата оддалеченост меѓу градовите. Ако мораш да патуваш толку далеку за да се видиш со некого, зошто да губиш време на глупости?

Финците не сметаат дека нивната молчаливост и недостигот од незадолжителен разговор се негативно нешто. Секоја култура за другата суди врз основа на своите социјални норми, затоа распространетиот стереотип дека Финците се молчаливи доаѓа од поемотивните нации. Исто така, претежно соседите ги сметаат Финците за молчаливи.

Швеѓаните и Германците, кога во минатото оделе во Финска, забележале дека Финците се молчаливи и се чуделе зошто не зборуваат шведски или германски, туку молчат пред своите гости. Не дека не знаат, бидејќи во Финска службени јазици се фински и шведски, а англиски се учи од шест или седум години. Се мисли дека кога мора да се изразуваат на трет јазик, подобро е да молчат отколку да ризикуваат да не бидат добро сфатени. А меѓу самите Финци молчењето функционира како продолжение на пријатен разговор.

Финците комуницираат со пријатна тишина. Кога аутсајдерите го проценуваат финскиот стереотип, некои нијанси се губат во преводот.

Во англискиот јазик „како си“ се користи како поздрав и не се очекува некој сериозен одговор. Во Финска ако некој те праша „како си“, тоа е прашање на кое се очекува исцрпен одговор. Финците го ценат личниот простор на луѓето. Ако не го познаваат другото лице, тие не сакаат да досадуваат. Можеби лицето сака да биде само и не сака да му додева некој странец. Ако забележите дека лицето е отворено, можете да започнете разговор. Но, Финците се претежно пристојни и држат дистанца. Но, нивната желба за избегнување е предиспозиција која е толку честа што е затврдната во финската култура.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот