Финска се прогласува за најсреќна земја на светот од 2018 година, а можеби тука игра улога образованието. Државата е позната по доброто образование, а финската влада редовно инвестира за да го подобри пристапот до книги за своите жители.
Законски, во Финска сите библиотеки се отворени за сите и сите бесплатно може да ги користат. Па не е чудо што државата била прогласена за најписмена во светот во 2016 година.
Една од најпопуларните библиотеки во Финска е градската библиотека во Хелсинки, во која владата инвестирала 98 милиони евра во 2018 година. Таа година бројот на корисници на библиотеки во Хелсинки се зголемил за 40%, а градската библиотека била посетена 3,1 милиони пати.
Библиотеките во Финска не нудат само книги, туку и музички инструменти, алатки, игри, машини за шиење и многу повеќе. Сепак, книгите очигледно се најпопуларен избор со оглед на тоа што во државата со 5,5 милиони жители секоја година се позајмуваат над 68 милиони книги.
Финската влада ги поттикнува и локалните писатели со грантови, но и со процент од секоја позајмена книга.
Како што изјавил градоначалникот на Хелсинки, Јан Вапавуори, библиотеките се инвестиција во луѓето, а со инвестирање во луѓето се подготвува општеството за ерата што следува, во која знаењето, идеите и културата се гаранција за успех.
Извор:
My Modern Met