X
 04.04.2015 Образование

Наставнички пленум: Некои работи заслужуваат да се кажат

Лошата организација на отпочнување на штрајкот беше заради отсуство од комуникација на раководството на СОНК со членството и донесување одлука за почеток без анализа на терен, па имавме штрајк во пола држава. Почеток на штрајкот беше борба да се приклучат наставниците кои не се членови на СОНК. Што правевме за да се подигне моралот кај наставниците да истраат во штрајкот?

 

Секојдневно пишувавме писма од колективи до МОН, до јавноста за да ги разбере причините за штрајкот и да разбере какво образование имаме. Истовремено, ги екипиравме сите сили во рамки на колективите, како тимови за поддршка на СОНК, кои правеа анализи, копираа делови од научни извори, ги ставаа на хартија аргументите со кои СОНК ќе биде силен во разговорите со МОН. Очигледно, ништо не е прочитано, се немало желба да се дејствува, да се укаже, да се аргументира и да се истрае во борбата за подобро образование.

Откако ги видовме ставовите на Неделков како ретерираат („Нашите аргументи се цврсти, а на МОН многу цврсти“) почнавме да пишуваме отворени писма до Неделков да стане свесен за улогата која ја има, за одговорноста која треба и мора да ја има (парите од членството го обврзуваат на тоа, ако не друго).

Во отсуство на комуникација и известување за текот на преговорите, реагиравме остро, затоа што бевме убедени, а тоа и се покажа како точно, дека Неделков нема да ги одбрани нашите интереси и нема да се исполнат барањата.

НП се создаде како критичка маса, како движење, како иницијатива на членството на СОНК, незадоволно од одлуката и политиката на СОНК. Таму се најдобрите луѓе во образовниот процес- практичари кои имаат наставно теоретски широки познавања за метеријата. Тоа се учени и образовани луѓе – Доктори на науки и магистри, луѓе со интегритет и авторитет, луѓе со кредибилитет, кои кажаа јавно што не е добро во образовниот систем.

НП создаде работни групи за 3-4 седмици, направи компаративни анализи, собра аргументи со кои докажа дека имаме Министерство кое носи лоши закони, кое самото не знае што прави (МОН-БРО, ДПИ, ДИЦ). Собравме аргументи како дел од СОНК да направиме промени за подобро образование.

Испративме службено до МОН, БРО, СОНК, опсежна анализа како и барање на преиспитување на Законите за основно и средно, Законот за наставници, Законот за Академијата на наставници ( во време кога студентите издејствуваа одлука за изготвување нов Закон за високо образование). Тие ја имаа автономијата и ја бранеа. Ние го имавме СОНК. Ваков СОНК? Лоша проценка.

Откако собравме материјали, САМИ организиравме Протест со цел да го доставиме писмото до МОН со барање за нов Закон за основно и средно образование, во кој ќе ги отвориме сите болни прашања во образованието кои повеќе од дваесет години нé мачат а не се решени благодарение на силата на СОНК, благодарение на г-нот Дојчин Цветановски и г-нот Јаким Неделков.

Тој протест во најголем дел од колективите беше миниран  од претставниците на синдикалните организации, освен во неколку училишта. Или се делуваше зад грб со поткопување на заложбите и активностите на НП или отворено НП се доживуваше како непријател на СОНК, иако НП е СОНК. Прашањето е: Кого поткопуваа колегите, против кого се бореа, во име на што се бореа? Жално, но вистинито е дека не беа свесни дека се бореа против себе, против своите колеги, против квалитет во образованието.

Треба ли да кажеме дека СОНК го доживува НП како опасност? Како конкуренција? СОНК се чини го доживува така НП затоа што во НП е целата критичка маса со одлично познавање на состојбите, со знаења за проблемите, со знаења за решенија, со храброст да се истапи јавно, водени од мислата на Конески „Колку сме, толку сме – токму сме! Токму сме да кажаме СТОП за лошите реформи во образованието! Во 21ви век, нашето образование носи нови закони засновани на принцип на казни. Додека другите демократски систем градат образовни системи засновани врз целосна децентрализација, тука градиме систем заснован врз погрешни вредности.

Дента на протестот, се огласи СОНК, прв да го етикетира Пленумот на наставници дека е продолжена рака на опозицијата во Р.Македонија и дека работи за нечии партиски интереси, со што јасно покажа чии интереси брани СОНК, кој го плаќа, со кого треба да манипулира и кого треба да напаѓа. Очигледно, г-нот Неделковски не може да поверува дека наставниците се водени од чистата идеја за подобро образование, затоа што самиот не е научен да биде воден од чиста и искрена мисла и намера.

На Неделков ни до сега не му се разјасни зошто наставниците се незадоволни. Тој ниту на почетокот, ниту сега не се потруди да ги погледне аргументите, да ја прочита анализата за состојбите во наставната пракса, за тоа како е во другите образовни системи а како кај нас во делот на целите заради кои постои екстерното тестирање, за несреќните изуми наши во кои вреднувањето се врзува со резултатите од еден квиз тест. Неделков не знаеше да укаже дека МОН сам нема усогласеност во сопствените институции: МОН-БРО-ДПИ-ДИЦ, па БРО даваше едни насоки за вреднување, ДПИ бараше други параметри за вреднување, а ДИЦ (екстерниот тест) го има единствениот збор кога станува збор за степенот на исполнување на стандардите поврзани со знаењата. Тоа значи едно: За Неделков беше тешко да се разбере дека МОН гради цел образовен систем на погрешни и искривени темели. Погрешен систем на вреднување на лично ниво е погрешен систем на вреднување на училиштето, а тоа продуцира погрешен систем на вреднување на општеството. Тоа требаше да го знае раководството, ама не го знаеше или не сакаше да го дознае. За да Неделков разбере зошто наставниците се незадоволни од Спогодбата, доволно ќе беше да ја прочита анализата и ништо повеќе.

Ако некој сака да ја прикаже успешноста на штрајкот, нека ги праша наставниците дали се задоволни. Толку, не повеќе. Вистинските причини ги имаме од самиот почеток на штрајкот: некој требаше да види, да проучи, да укаже. Всушност, лидерот имал обврска да ги проучи состојбите во образованието кога седнал на тоа место како прв човек на образовниот синдикат. Неделков, за жал, нема ниту знаења, ниту капацитет, ниту желба, а сега покажа дека дека нема ниту кредибилитет да го застапува и тоа членство кое го има.

Неделков конечно нека прочита што подразбира поимот Пленум и навистина нека се исплаши затоа што во Пленумот нема простор за поткуп, за остварување лични интереси и нема простор за манипулации.

Конечно, ако оние кои се претставници на СОНК – од секое училиште, регионалните претставници и раководството на СОНК, не си поднесат оставка ( тоа веќе го најавија ако штрајкот заврши без да се исполнат барањата на членството) тогаш останува да ги преиспитаме одлуките да бидеме дел од СОНК, а секој наставник ќе донесе лична одлука дали ќе се зачлени во друг синдикат, дали повеќе нема да биде дел од било кој синдикат, ќе дејствува како дел од Пленумот или ќе дејствува сам.

Но, крајно време е Неделков да разбере дека е дојдено време на големи одлуки, кога секој наставник, според своето мислење, став и согледувања ќе одлучи дали ќе биде дел од систем кој повеќе од две децении не успеа да ги реши проблемите во образованието (условите во училиштата, опременост со дидактички помагала, наставни планови и програми, поддршка на учениците, квалитет на обуките за стручно усовршување на наставниот кадар, вреднувањето и процесот на оценување, соработка со заедницата и родителите, задолженијата и обврските на наставниците, двојната администрација, платата на наставниците и сето она што е вклучено во процесот на воспитување и образување на идните генерации и што подразбира штитење на правата и интересите на работниците. Дојдено е време секој кој ќе биде ПРВ на било кој синдикат во државата ќе мора да се соочи со Пленумот или Здружението или Движењето или Партијата на наставниците која станува моќен коректив во општеството во борбата за подобро образование за сите.

Наставнички пленум – Куманово
Превземено од блогот на наставнички пленум

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование