За да го сочува угледот и репутацијата, Гимназијата „Бора Станковиќ“ од Врање старо 134 години одлучило да воведе кодекс за пристојно облекување.
Доколку професорите и учениците не се придржуваат кон овој кодекс, постојат јасни санкции. Еве што се` се смета за несоодветна и провокативна облека.
Неоправдани изостаноци за учениците, а дисциплински мерки за професорите
Оваа иницијатива за воведување на правилник за облекување ја поддржаа и учениците и професорите, како и школската управа.
Санкциите веќе се одредени. Имено, доколку ученик се појави несоодветно облечен на училиште, професорот мора да го врати дома и да му напише неоправдан изостанок. Но, и професорите мораат да се придржуваат кон правилото.
Предвидени се и дисциплински мерки против несоодветно облечените просветниработници, кои за децата треба да бидат пример и модел за облекување. Пристојната и соодветната облека е онаа која не привлекува внимание и не ја пореметува наставата и воннаставните активности.
Што не смее да се носи?
Освен мини сукњи, високи потпетици, нападна шминка, во гимназијата не смее да се носи неиспеглана и валкана облека, и прекумерен накит.
Кодексот за облекување забранува носење кратки пантолони, бермуди и прекратки пантолони. Не смеат да се носат капи, дресови и облека со навредливи натписи и слики, особено оние кои промовираат национална, верска, политичка и сексуална ориентација.
Во кодексот пишува дека на облекувањето треба да се внимава и во текот на летниот распуст, меѓутоа не е јасно кој ќе ги контролира учениците. Се смета дека со облекувањето ќе има и дисциплина за време на наставата.